МПЦ-ОА би излегла од расколот само на еден ден
Можеби МПЦ некое време ќе сослужува со Цариград, но прашање е дали тогаш другите цркви ќе сослужуваат со Цариград, коментираат црковните аналитичари за Плусинфо.
Ако вселенскиот патријарх Вартоломеј се обиде да ја легализира МПЦ која е во раскол, тоа недвосмилено, од црковно-правен аспект ќе претставува негова криминална, антиканонска инвазија во црковна јурисдикција, што не му припаѓа. Ова за Плусинфо го изјави црковниот аналитичар Георги Тасев, кој тврди дека состојбата е толку напната, што како последица на евентуален таков чин, распадот на помесните православни цркви би се случил уште наредниот ден, а МПЦ-ОА би била учесник во тоа.
Ваквата негова изјава следува откако претседателот Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев неодамна испратија писма до вселенскиот патријарх г. Вартоломеј со барање да го активира своето апелационо право со цел да ја извлече Македонската православна црква (МПЦ-ОА) од расколот.
– Ценам дека доколку г. Вартоломеј предизвика таков своевиден хаос, тешко дека наскоро некој со некого ќе сослужува, како досега. Можеби МПЦ некое време ќе сослужува со Цариград, но прашање е дали тогаш другите цркви ќе сослужуваат со Цариград. И, се разбира, воопшто не е исклучено да се организира голем собор, впрочем една таква иницијатива лани покажа Јерусалимската патријаршија, па во иднина таквиот собор да ги поништи одлуките на г. Вартоломеј и да го детронизира. Во црквата, дејствијата се одвиваат бавно, не според световното време и политиката, но кога-тогаш се одвиваат. Во историјата постојат примери, кога цариградски патријарси паѓале во ерес и се обидувале да ја рушат црквата, но за тоа биле осудувани и детронизирани на сеправославно ниво – објаснува Тасев.
Сличен став дели и Андреја Богдановски, докторанд на Универзитетот во Бакингем, Велика Британија, кој вели дека ако веќе се следи украинското сценарио со кое беше создадена новата Православна црква на Украина, тогаш тоа најпрво би значело МПЦ-ОА треба да се спои со Православната охридска архиепископија (ПОА).
Добивање томос од вселенскиот патријарх Вартоломеј не значи и веднаш универзално признавање на МПЦ-ОА под автоматизам од сите други православни цркви.
– Дел од медиумите изминатиов период пренесуваат дека на повидок е решение на македонското црковно прашање следејќи го украинскиот модел. Не знам на што конкретно се повикуваат кај украинскиот модел, но во Украина црковното прашање е „решено“ со тоа што новосоздадената црква Православна црква на Украина, која Вселенската патријаршија ја призна како автокефална и потоа почна да сослужува со истата, настана како резултат на обидот за унифицирање на трите разединети цркви во Украина во декември 2018 година. Значи, прво доби томос, па дури подоцна сослужуваа заедно. Доколку се следи овој модел во македонскиот случај, тоа би значело прво обид за унификација на МПЦ-ОА со ПОА која македонските власти одбиваат да ја регистрираат во државата. За разлика од патријархот Филарет во Украина, архиепископот г.г. Стефан сè уште не е расчинет од страна на Српската православна црква (СПЦ) иако имаше такви најави во 2014 година. Сосема друга поента е тоа дека автокефалната црква во Украина сослужува само со оние цркви кои ја признаваат нејзината автокефалност, а во моментов само три. Значи, томос од Вартоломеј не значи и веднаш универзално признавање под автоматизам од сите други православни цркви. Се разбира, Вартоломеј би можел да настапи со други решенија, па затоа ова е само кратка рефлексија на примена на украинскиот модел во Македонија – објаснува Богдановски.
Од друга страна, пак, врвот на МПЦ-ОА не гледа така на работите. Како што неодамна за ТВ24 изјави епископот дебарско-кичевски г. Тимотеј, писмата што ги испратиле Пендаровски и Заев до вселенскиот патријарх претставувале добар потег.
– Добро е што државниот врв сака да го реши ова прашање. За поздравување е тоа писмо, затоа што вселенскиот патријарх има таква надлежност, признавање на МПЦ-ОА во православниот свет – истакна г. Тимотеј, одбегнувајќи да ги посочи опасностите од евентуалното спроведување на украинското сценарио во Македонија.