Програмата за меѓународна матура во „Нова“ создава успешни студенти спремни за светските универзитети
IB програмата е дел од образовниот систем во „Нова“ од 2006 година, односно како изборна програма е достапна за учениците од трета и четврта година, во која тие ги изучуваат избраните предмети на академско ниво од прва година на факултет.
Како средношколците најдобро може да се подготват за упис на посакуваниот факултет, особено на реномираните универзитети во странство? Постои ли начин тие да стартуваат со поголема предност пред останатите и да се издвојат од огромната конкуренција при аплицирањето? Досегашното искуство покажува дека еден можен одговор на овие прашања лежи во IB диплома програмата (позната како меѓународна матура) која се спроведува и во меѓународното училиште „Нова“.
Оваа програма е дел од образовниот систем во „Нова“ од 2006 година, односно како изборна програма е достапна за учениците од трета и четврта година, во која тие ги изучуваат избраните предмети на академско ниво од прва година на факултет. Со завршувањето на оваа програма, учениците се стекнуваат со IB диплома која многу високо се вреднува на сите реномирани универзитети во земјава и во странство. IB програмата во „Нова“ се следи, изучува и оценува на англиски јазик, па еден од основните услови за да можат средношколците да се вклучат во неа е да имаат високо познавање на овој јазик. За успешно да ја следат програмата, од нив се бара и да поседуваат вештини за критичко размислување, интелектуална љубопитност, организација на учењето и добро управување со времето, како и отвореност, комуникациски вештини, грижа за другите и заедницата и сл. Досегашното искуство покажува дека голем дел од средношколците од „Нова“ во трета година одлучуваат да се вклучат во оваа програма, но постојат и ученици кои во трета година од државните училишта се префрлаат во „Нова“ за да учат според програмата за меѓународна матура бидејќи се свесни дека таа може подобро да ги подготви за упис на посакуваниот универзитет.
Професорката по економија во „Нова“, Марина Перуновска, е дел од наставничкиот кадар во IB програмата. Таа објаснува дека оваа програма се спроведува и оценува според јасни и строго дефинирани критериуми, при што учениците своите знаења ги потврдуваат низ повеќе начини на оценување. Сепак, најисцрпна верификација на стекнатото знаење и развиените вештини настапува во мај во четврта година, кога се организираат меѓународните испити кои ги оценуваат овластени оценувачи. Според Перуновска, крајната оценка е збогатена и со интерна компонента која е различна за секој предмет, во која учениците во тек на двете години изработуваат определен документ налик на семинарските трудови на факултет, во кој имаат прилика да го покажат своето знаење преку обработка на тема или анализа на постоечка состојба. Низ целиот овој процес учениците ги водат професори – ментори, кои се достапни во секое време да им помогнат на учениците со предметите, но и со пополнување на апликациите за различни факултети.
– Иако често првичниот впечаток е дека IB програмата е наменета за европските факултети, таа, освен стекнатите знаења, всушност овозможува стекнување на вештини, навики, способности за размислување и комуникација и општо изградба на самостојни и зрели индивидуи кои успешно ќе „пловат“ во секој образовен систем. Доказ за тоа се успесите на нашите ученици ширум светот – од западниот брег на Северна Америка, низ универзитетите во САД и Канада, преку контитнетална Европа и Обединетото Кралство, до Обединетите Арапски Емирати и подалеку – вели Перуновска.
Професорката по економија во „Нова“, Марина Перуновска, е дел од наставничкиот кадар во IB програмата
Ситуацијата со коронавирусот ја принуди „Нова“ да ја прилагоди наставата и обемот на материјалот од IB програмата на новонастанатата состојба, при што учениците ги следат часовите онлајн, но пристапот кон наставата и учењето овозможува да се запазат потребите на програмата и предвидената динамика. Професорите во соработка со учениците осмислуваат и спроведуваат најразлични креативни активности во наставата, а во исто време се достапни за индивидуални консултации доколку некој ученик има потреба.
– Ваквиот пристап треба да ги минимизира „слабостите“ на онлајн учењето и недостигот на физичко присуство на учениците во училница и да овозможи непречено совладување на потребите содржини и вештини, па оттаму и подеднакво силни кончени резултати како и во претходните години – вели Перуновска.
Елена Љушева е пример за успешен „Нова“ ученик во IB програмата. Љушева денес е студент истовремено на два различни реномирани универзитети, Еразмус универзитетот во Ротердам и Лондонската школа за економија и политички науки (LSE), на две различни студиски програми. Во трета година од средното образование, Љушева одлучила да се префрли во „Нова“ од државно средно училиште, токму поради можноста да го заврши средното образование според оваа програма. Според неа, стимулативната средина во „Нова“, заедно со брзото темпо на IB програмата ѝ помогнале за побрза и поедноставна транзиција во високото образование.
Елена Љушева, студентка на два реномирани универзитети, Еразмус универзитетот во Ротердам и Лондонската школа за економија и политички науки (LSE)
– IB програмата за мене лично беше процес на самоосознавање, што делумно го препишувам на нејзинот сестран и интернационален формат. Нејзина главна предност е широката и унифицирана употреба како мерило за академски успех низ светот. Токму тој аспект на програмата им овозможува на универзитетите објективно да ги проценат апликантите и нивните вештини, иако мора да се напомене дека академскиот успех е само еден дел од сложувалката. Престижните универзитети не бараат само ученици кои имаат висок просек, тие бараат посветени индивидуи кои целат да остават трага зад себе. Од истите причини сметам дека IB програмата со сите нејзини компоненти го подготвува ученикот да биде еден комплетен и конкурентен пакет, сестран и општествено инволвиран апликант – вели Љушева.
Кристијан Пауер е ученик во „Нова“ кој вели дека оваа програма му помогнала да развие значајни животни вештини кои не само што ќе му бидат значаен поттик во натамошното образование, туку и во натамошниот професионален и општествен живот. Тој објаснува дека учениците кои се дел од IB програмата треба да се спремни да го дадат својот максимум и со тоа ги подобрат своите шансите за прием на посакуваниот универзитет.
– Во целиот овој процес менторот игра многу значајна улога. Тој го води студентот низ сите аспекти на подготовката за на универзитет, достапен е за состаноци на кои се разговара за опциите за универзитети и подготовките и финално, помага учениците да го направат изборот за тоа каде и што би сакале да студираат. Менторот споделува најразлични материјали поврзани со подготовките за на универзитет, а и им помага на студентите во процесот на подготовка на нивните универзитетски апликации – објаснува Пауер.
Кристијан Пауер, ученик во „Нова“, кој е дел од IB програмата
Според податоците на „Нова“, бројот на ученици од трета и четврта година кои следат настава според програмата за меѓународна матура се зголемува од година во година со намера сите ученици во еден момент да станат дел од оваа програма, цел која започна да се реализира со годинешното воведување на IB програмата од шесто одделение до втора година.