Премиерот Зоран Заев во „Само интервју“ на Канал 5 објасни зошто повторно коалицирал со ДУИ бидејќи не би било добро за државата пак да се оди на избори, дека малцинската влада не гарантира стабилност и заради почитта кон граѓаните за изборниот резултат.
– Разговаравме за предности и слабости кои ги имавме како партнери. Народот нѐ критикуваше. Зборувавме за отстранување на слабостите и кај ДУИ и кај СДСМ. Конечно немаме во владината програма права на овие или права на оние. ДУИ ќе ги изгуби гласовите ако продолжи со популизам. Кога ја видов изјавата на првиот вицепремиер Артан Груби за субвениционирањето на приватни фирми за вработување по етнички клуч разговарав со него, ми рече грешно сум сфатен. Не верувам дека и ДУИ верува дека ќе добие повеќе гласови со таква реторика. На граѓаните им е преку глава од Албанци, Македонци – рече Заев.
На прашањето дали мора владата да одлучува со консензус, Заев одговори дека и претходната влада и оваа одлучувале со консензус, но дека не мора.
– Сакаме да се обидеме одлуките да бидат со консензус, да има импакт кај граѓаните, да има ќеиф. Функцијата прв вицепремиер е ако не сум јас тука, се знае Груби ја води владата. Тој е првоодговорен во делот од владата за ДУИ како Љупчо Николовски што е одговорен за СДСМ. Владата треба да биде унисона – рече Заев.