Културни инвалиди

886

Ние полека стануваме културни инвалиди и време е некој тоа јавно да го каже. Може и да го покаже, имаме премногу примери за тоа.

Иако е сосема доволно човек да прошета низ центарот на Скопје, и Охрид, на пример. Ама и низ Радовиш (околу 28.000 население), Пехчево (градот со околу 3.200 илјади население, целата општина околу 5.000), Македонски Брод (градот 3.000, општината 7.000 население), Демир Хисар, Градско… И уште едно чудо други градови низ државата. Или низ скопските „општини“ Аеродром, Ѓорче Петров, Чаир, Гази Баба, Кисела Вода, Карпош.






Знаете колку културни институции има во посочените градови/општини? Во скопските општини ниту една, во другите тук-таму по една (главно дом на култура што не работи и/или библиотека)!

Знаете колку пати некоја национална културна институција, оние „големине“, „значајнине“, биле во некој од овие градови/општини со нивни програми? Ниту еднаш! Ама, по ѓаволите, што ќе му е на едно Пехчево оперска претстава, нели, кога таква со децении не се одржала ни во Битола, или во Прилеп? И зошто му е на Демир Хисар, или на Кисела Вода, изложба, на пример, на еден Петар Мазев, или нека биде некој од помладите, еве – Славица Jанешлиева?

Најчестиот одговор е: па нека дојдат во Скопје и нека гледаат, ене каде е! А впрочем, и така немаат соодветни културни простори за такви проекти. Прво нека си ги изградат, па после ќе разговараме.

Иако секој барем малку информиран знае дека (и) жителите на тие гратчиња плаќаат еднакви даноци и придонеси како и скопјани, исто како и нашиве „директори“ на националните културни институции. Испаѓа дека тие градови/гратчиња/општини ќе мора прво сѐ самите да средат, за нашиве „директорски ѕвезди“ да се одоброволат да појдат кај нив. Иако, се плашам, „ѕвездиве“ ни тогаш тоа нема да го направат.

Што сакам да кажам? Сакам да кажам дека ние – свесно или не – создаваме културни инвалиди во државава.

Зашто, извинете, ако луѓето, свесно или не, ги лишувате од контактот со домашниот и странскиот културен производ, ако ги оставате на милост и на немилост на македонските (во суштина крајно некултурни) медиуми, тогаш, повторно, свесно или не, создавате културни инвалиди. И зошто тогаш се чудиме на доминацијата на турбофолкот, на кичот, на грдотијата и на непрепознавањето на вистинските културни вредности?

Сепак, се убедувам себеси, се тешам дека ова што со децении се прави во културата е несвесно, дека толку знаеме/знаат, дека мислата до тие и такви височини не им допира, дека неукоста и некултурата им се товар што не го ни чувствуваат…

Има и такви „умни“ што коментираат: па имаат интернет, нека гледаат. Се разбира, ама и за интернетот плаќаат, како што ги плаќаат и даноците и придонесите за она што не го добиваат! И да, имаме Министерство за култура; и да, сега имаме и нова министерка, ама и до вчера имавме едно чудо „министри“, што ќе рече дека тоа кај нас најчесто не е предуслов дека нештата ќе се придвижуваат напред во вистинската насока, како во остатокот на цивилизираните земји.

Од друга страна, не мора да значи дека баш сега чукнал пресвртниот заден час за реформа, односно за нова политика и во оваа насока. А сепак, секој ден, да не речам секој час е драгоцен, односно неповратно загубен, бидејќи нашата културна „политика“ досега успешно ја инвалидизираше речиси целата држава! Дали сега политиката ќе добие нова насока, останува да се види.

Но, впрочем, ако баш сакате, ако прашате многумина политички компетентни луѓе во државава, одговорот ќе биде ист, или сличен: ние полека стануваме и политички инвалиди, па следствено тоа се реперкуира и во сите државни сегменти! Зашто, во оваа македонска „политика“ веќе не важат никакви правила и закони – иако ги има, на хартија – нема никакви вредности и морал/етика, има само гола импровизација и неукост коишто најчесто не водат никаде. Или водат во погрешна насока. Ако имате таква политика – којашто, патем, се вика политикантство! – не можете да имате ни валидна култура, не? Е таа невалидна, некомпетентна, неука култура се вика некултура, уште почесто – кич.

И не дека не знаеме како дојдовме до оваа точка. Еве само еден свеж пример: вемерото – пазете: токму вемерото! – бара Владата бесплатно да ги сруши и дивите платформи во Сарај, дивоградбата кај касарната Илинден, дивоградбата на Нефи во Охрид итн. Ама не бара во тој уривачки замаф Владата да продолжи и до онаа „фараонска“ гробница (Аце, Гоце, Даме, Карев…) на плоштадот во Скопје, или оние грдотии на Плаошник, или нивната т.н. „Бела палата“, којашто, сиротата, да може би поцрвенела од срам, па оние малоумни но милионски интервенции во Собранието…  Можеби не ги спомнуваат зашто списокот би бил предолг и Владата би требала цел мандат да го потроши само на тоа?

Можеби, ама сите добро знаеме дека тие не се баш толку увиѓавни и дека и злосторството кај нив е партиски поделено: нивно и туѓо. Следствено, нивното треба да се сочува, туѓото да се урива!? Кога најголемата и најсилната – барем така тие сакаат да се претставуваат! – македонска партија има таков двоен морал, такви двојни вредносни аршини, па згора и јавно ги искажува и со нив се гордее, тоа не може никако поинаку да се нарече освен политички кич односно – политикантство!

Поврзани содржини