Димитриеска Кочоска: Струмички фирми блиски до власта лапнале 20 милиони евра кредити без покритие од Еуростандард банка
Во аферата Еуростандард тешка над 150 милиони евра, дури над 20 милиони евра кредити без покритие се делени на струмички компании блиски до власта, изјави денеска Гордана Димитриеска Кочоска, претседателка на Комисијата за материјално финансиско работење на ВМРО-ДПМНЕ.
– Пропаѓањето на Еуростандард банка, вториот ТАТ, е афера тешка околу 200 милиони евра, колку што и вредеше активата на банката заклучно со 31.12.2018 година, за жал, последниот јавно расположлив ревизорски извештај на банката. Епилогот е 100 илјади блокирани сметки, четириесетина илјади пензионери без своите пензии, измамени штедачи и над 20 милиони евра депозити кои што ќе останат непокриени. Вистинското прашање во аферата тешка 200 милиони евра е на кој начин се одобрувани кредитите кои набрзо станувале лоши пласмани и зошто тоа било премолчувано од најмалку три финансиски институции задолжени за контрола на банките. Дали е точно дека во аферата Еуростандард банка тешка 200 милиони евра, над 55 милиони евра кредити без покритие се делени на различни компании меѓу кои и струмички компании блиски до власта? Јавноста ја интересира кои се тие компании кои земале пари без покритие, или со хипотеки со преценета вредност – рече Димитриеска Кочоска.
Таа нагласи дека има сомнеж дека се делени кредити за недвижнини со нереална и над проценета вредност со цел да се добијат повеќе пари.
– Јас денеска неколку минути пред пресот го прочитав ставот на Антикорупциската комисија и сум, да не речам, шокирана. Зошто? Ако Зоран Заев изјави дека пред една година точно знаел дека банката има проблеми и ако точно пред една година па можеби и повеќе од тоа бидејќи гувернерката досега не се произнесе по однос на тоа кога и во кој момент адекватноста на капиталот на банката паднал под 8, согласно законскиот минимум тоа значи дека банката требало да биде затворена една година претходно. Во меѓувреме, Нина Ангеловска станува министер за финансии, поминува една година во која банката е под тој законски минимум и министерката полека, полека го намалува својот депозит. И уште нели најшокантно на месец и пол пред избори таа ги повлекува и последните средства, а притоа да не заборавиме таа е дел од Комитетот за финасиска стабилност. Како може Нина Ангеловска да нема информации и да не знае дека банката последната година имала проблеми. Оттука се поставува прашањето дали таа намерно и полека го вадела својот депозит за да не биде воочливо, нели одеднаш и притоа токму заради такви случаи како Нина Ангеловска кој што требале во последната година да ги повлечат своите депозити се одвлекуваше стечајот на банката и не баш пред избори не знам зошто повторно гувернерката ќе треба да одговори на прашањето, туку после избори ние имаме отварање на стечај на банката. Антикорупциска по мене тука е само и не по мене, туку е и ставот на ВМРО-ДПМНЕ е само продолжена рака на Зоран Заев – рече таа одговарајќи на новинарско прашање откако Антикорупциска денеска соопшти дека не утврдува кривична одговорност, но од етички аспект го покренува прашањето и ќе препорача да се доуредат прописите со кои ќе се регулира судирот на интереси.