Кога е човек и сед и млад…

- Иако никој од „АЛГОРИТМОВЦИТЕ“ не се бави професионално со музика, сепак речиси да не проаѓа ден, а да не се произведе некоја нота, било тоа да е во нашите домашни студија, било во прилика кога се дружиме по повод некој роденден, забава или едноставно, дружба без повод - вели нашиот соговорник Александар Најдовски-Ниски, зборувајќи за себе и за своето ‘семејство’, бендот кој го формирале во далечната 76-77 под името ‘Добра надеж’, и неуморно твори и до ден денес.

1,754

Нашиот соговорник Александар Најдовски-Ниски е веќе сед, но годините одлично му стојат. Тој е архитект и проектант, основач и сопственик на студиото за архитектура ДСЦ, но архитектурата не е неговата единствена голема љубов. Тука е и музиката, па слободно може да се каже дека е најдобриот архитект меѓу музичарите и најдобриот музичар меѓу архитектите.

На музичката сцена е познат по учеството во повеќе македонски бендови, но и по неговото учество на Опатискиот фестивал – еднаш со Калиопи и Ана Костовска со песната „О каков ден“, и еднаш со самостоен настап, со песната „Натали“, а пред сѐ, по учеството на првиот МАКФЕСТ во 1986. година, со бендот „Алгоритам“ и песната со наслов „Последен танц“.






Иако никој од „Алгоритмовците“ не се бави професионално со музика, сепак, речиси да не проаѓа ден, а да не произведат некоја нота, дали заедно или секој за себе, но тоа е така речиси половина век, до ден денес.

„Било тоа да е во нашите домашни студија, било во прилика кога се дружиме по повод некој роденден, забава или едноставно дружба без повод, иако сите ние работиме нешто друго и никој од нас не се занимава професионално со музика, речиси да не проаѓа ден, а да не се произведе некоја нота“, вели нашиот соговорник кој со своите пријатели од бендот, Ангеле Деловски-Геле (соло гитара), Сашо Поповски-тапани, Жарко Ристевски-Жаре (бас гитара) и Љупче Клинчарски-Џаги (ритам гитара), повеќе од четири децении е и повеќе од пријател, тие му се речиси како семејство.

Ангеле Деловски-Геле

Дел од нив ја доделкуваат шестата деценија од животот, а дел пак тукушто зачекорија во седмата, ама времето за нив како да застанало. Барем кога е во прашање нивната љубов кон музиката. Иако, рака на срце, и кога станува збор за изгледот, ниту легендарните Томас Долби, Стинг, Били Ајдол, Сајмон Ле Бон, Ерик Клептон, Мик Џегер,…не можат вода да им носат.

Жарко Ристевски-Жаре

Повод за нашиот разговор со Александар е песната „The bird“, поточно, римејкот на оваа песна која ја направиле неодамна.

„Оваа песна на нашиот бенд ‘Нема надеж’, испревртеното име на нашиот некогашен бенд ‘Добра надеж’, со кое сакаше да се шегува чичко Стефчо, таткото на Жаре, е дел од нашата младост, a за тоа доволно зборува фактот што свирежот снимен на крајот од ‘The bird’, кој произлегува од ритмиката и мелодијата на рефренот, е всушност свиреж со кој и тогаш и ден денес се ‘довикуваме’ со пријателите, а некој од нас го имаат прифатено и како фамилијарен свиреж. Колку да се знае – свирежот во песната го изведува Мери (featuring MECHE) – (сопругата на Александар, н.з.)“, се смее Александар.

Александар НајдовскиИнаку, во музичкиот бекграунд на Најдовски е неговото учество во повеќе македонски состави, како што се „Прамен“, „Чуден крој“, „Карамела“, „Бон тон“, „Асториа “, „Круг“, за што може да се прочита и во Македонската рок енциклопедија.

Има завршено 4 години од нижо музичко училиште – клавир. Не продолжил со музичкото образование затоа што повеќе го интересирала современата, отколку класичната музика.

„Дури и ден денес, како и тогаш (на 9-10 годишна возраст), посебно ме интересира да ја анализирам и ‘симнувам’ хармонијата на песните што ги слушам на радио или интернет“, вели тој.

Првиот бенд го формирал во седмо одделение (ехее, во далечната 1974-75 година).

„Бендот го формиравме со Лаци-на гитара, Јуле-вокал, Трајко-на тапани, Зоран-бас и јас. Бендот се викаше LIGHT. Интересно беше тоа што таткото на Зоран, кој веројатно беше столар по професија (или по талент), му направи на Зоран бас-гитара од дрвени талпи, и тоа гледајќи и анализирајќи фотографија од музичко списание, на бас-гитара од брендот RICKENBACKER, многу популарен бренд кај басистите од тоа време.

Поради тоа што немавме тапани, Трајко ‘свиреше’ на перници, послужавници и други предмети на кои можеше да држи ритам. Се обидувавме да компонираме свои песни. Се сеќавам на насловот на една песна ‘Измеџу прошлости и будучности’. Српските текстови беа ‘стандард’ за тоа време за сите бендови, затоа што музичка продукција имаше само во Ју центрите Белград, Загреб, Љубљана и Сараево.

Од тој бенд единствено Лаци продолжи професионално да се бави со музика и денес има успешна европска кариера, под името Џими Роџерс.

Во 1976-77 имав среќа да ме повикаат сегашните мои најдраги личности и повеќе од пријатели – Геле-соло гитара, Сашо-тапани, Жаре-бас и Џаги-ритам гитара, да се приклучам на нивниот бенд „Добра надеж“. Со нив беа и три девојки-вокали Јуле, Снешка и Марина.

Сашо Поповски и Ниски

Поради интензивната размена на идеи, погледи, размислувања и анализи за сѐ што претставува уметност (вклучително и музиката) што е карактеристично за периодот на адолесценција, дури и мојот актуелен професионален пристап (како архитект) кон естетското можам да го припишам на таа интеракција со пријателите.

И да ја продолжам приказната, со развојот на технологијата на синтисајзерите и компјутерите, со нашиот нескротлив апетит за истражување, со време, дојде до „преобразба“ на ‘Добра надеж’ во ‘Алгоритам’. Жаре и Сашо останаа во креативната сфера на бендот, додека Геле и јас ја превземавме улогата на изведувачи на заедничките музички идеи.

Жарко и Ниски

Како и сите бендови од македонската музичка сцена од 80-тите, така и ние своите песни прво требаше да ги снимиме како демо снимки, па потоа да ги понудиме на МРТВ за снимање за нивната продукција. Тоа и се случи откако првата песна „Љубовен случај“ беше примена на тогашниот видео спот фестивал. Потоа, благодарение на продуцентот Љупчо Константинов, кој во тоа време беше познат композитор (особено на филмска музика) и кој во нашата музика пронајде нешто специфично и несекојдневно, добивме термини за снимање на „Време за промени“, „Среќна Нова“, „Музичар“, „Продавачи на ноќта“, „Затвореник“, „Град“, „Со бакнежи убиваш“, „Потребна си ми“, „Долби“, песни со кои се појавивме меѓу сите чинители на македонската музичка сцена и поради кои дел од критиката ни го додели епитетот на првиот македонски електро бенд“, раскажува Ниски.

 

Со своја песна и изведба, тие се учесници на првиот МАКФЕСТ во 1986 година. Песната носеше наслов „Последен танц“.

„Во музичкото портфолио на АЛГОРИТАМ е и можеби најсериозната музичка тема „ОБЛАК“, а исто така се скриени уште неколку нереализирани теми, меѓу кои „НОН СТОП“, „ОГЛЕДАЛО“, „ВОЗОТ ЗА ПИРИНЕИТЕ“ и веројатно уште неколку на кои не можам во моментов да се сетам, за кои се надевам дека ќе се најдат на штотуку отворениот канал на јутјуб.

Во 2000. година, после цели 18 години, на МАКФЕСТ повторно се појави моја песна – „ЗА НАС“, во изведба на ТАЊА АНГЕЛОВА.

Што се однесува до мојата музика, денеска, моите две ќерки, Сања и Стефанија, како и жена ми, се првиот и најсериозен филтер во процесот на создавање музика. Нивните очекувања за секоја песна, па нека е и кавер верзија, дека ќе биде ТОП, што нормално за мене како човек со друга професија е исклучително тешко. Многу ме радува што Сања се опроба на полето на компонирање и го создаде своето „првенче“ – „I CAN’T DENY“.

Мери и Александар со Јулијана Велевска, една од девојките во првата постава на бендот „Добра надеж“

Сепак, музичката сцена е привилегија на богатите општества. Сѐ додека кај нас се размислува за музичката активност како за начин за преживување (свирење во кафетерии и кафани за бедна дневница, свирење по свадби, очекување на годишните тантиеми за да се закрпи некоја дупка во домашниот буџет), ќе се осмелам да коментирам дека македонска музичка сцена и не постои“, вели Александар.

Поврзани содржини