MA Гаминг: Згрозени сме од изјавата на градоначалникот Коцевски дека во нашите објекти има проституција
МА Гаминг ДООЕЛ Скопје го демантира градоначалникот на Велес Аце Коцевски дека во Велес има проституција на јавни простори.
– Како правен субјект-носител на дејноста автомат клуб “Адмирал”, лоциран во центарот на Велес, се чувствуваме повикани да го испратиме следниот демант: Згрозени сме од леснотијата со која градоначалникот изнесува обвинувања за наводна проституција која според неговите тврдења, се организирала во нашите објекти. Ние сме претставници на инвеститори од земји членки на ЕУ, каде работат и сопруги и мајки, и ширењето на вакви лаги може да предизвикаат семејни неприлики за нашите вработени, кои очигледно се цел на приземна негативна кампања која нема никаква врска со реалноста – се вели во демантот.
Од компанијата додаваат дека ова претставува сериозен напад и кон угледот на компанија, бидејќи неосновано се обвинети за незаконски дејствија.
– Ги повикуваме надлежните институции веднаш да ги преземат сите неопходни дејствија со кои во најкус можен рок ќе ги расчистат овие дрски обвинувања и јавно ќе ги објават резултатите од извршената контрола. Групацијата Новоматик Македонија ќе ги информира меѓународните претставници во земјата за начинот на кој се третираат странски инвестиции. Бараме од г-динот Коцевски друг пат пред да изнесува разговори со станари со вакви сериозни обвинувања, добро да размисли за последиците врз човечките судбини, кои може да ги предизвикаат ваквите напади врз нечија чест и углед. Тој не е од вчера во политиката за да не може да ја измери тежината на јавно искажаната клевета од градоначалник избран на непосредни избори. Еве, ја користиме приликата да го поканиме да биде наш посетител и лично да се увери дека игрите на среќа се спроведуваат по сите највисоки светски стандарди и се е 100 отсто законски – велат од компанијата.