Која мајка изгубила дете, кај нас во министерска фотелја ќе го најде!
Хрватите и сите други европјани штедат, само Македонија се луксузира со 25 владини ресори и еден министер на 80 илјади граѓани. После секои избори, сите ветувања за кастрење на владата завршуваат во бунар.
Германија има 14 сојузни министерства. Владата на Италија има 13 ресори, Франција 15, Словенија 14, Унгарија 13, Белгија само 12. На списокот на штедливи влади сега се приклучи и новата влада на Хрватска, со 16 министерства. Со Македонија во овој момент може да се мери само Велика Британија, чија влада има 25 ресори.
Но, тоа е само кога се гледаат апсолутните бројки. Релативните бројки покажуваат уште пострашна состојба. Во Македонија имаме еден министер на 81 илјада граѓани. И по тоа веројатно сме апсолутни европски рекордери. Премиерот има стотина советници. „Ако е така, зошто му се толку министри? СДСМ ќе го намали бројот на министерствата“, вети поранешниот заменик министер за економија од СДСМ Кире Наумов, во далечната 2015 година, цели две години пред социјалдемократите да добијат шанса за промени на лошото владеење на нивните претходници.
Сите македонски влади досега ветуваа реформа во организацијата на извршната власт, но само како евтина јадица за лов на гласови и како предизборна пропаганда. Пет години по ветувањата на Наумов, извршната власт создадена од коалицијата СДСМ-ДУИ, иако беше ветено кратење, се скраси во 25 министерски фотелји, сосе новата за политички систем и односи меѓу заедниците, што беше поставена лани.
И поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев, ветуваше намалување на бројот на министрите пред да ја освои власта во 2017 година, а можевме да го слушнеме ова ветување и на годинешниве избори. Радмила Шекеринска говорејќи на една дебата на тема „Создаваме одговорна власт“, најексплицитно го објасни луксузирањето во креирањето на македонската извршна власт.
– Македонија е убедлив негативен рекордер со 26 министри. И да имаме 2 милиона население, колку што не сме, на 81.000 луѓе во државата имаме по еден министер. Ако ја погледнете Гeрманија, на 5 милиони луѓе има еден министер. Проверете ги Естонија и Латвија, еве земја блиски по големина со Македонија, таму има по еден министер на 90, 100 или 150 илјади граѓани. Тоа мора да се промени. Бројот на министри во Владата на СДСМ нема да надмине повеќе од 20. И ќе гледаме тој број да се намалува, а ќе почнеме разговори со сите други партии во парламентот, за да го намалиме и бројот на пратеници помеѓу 90 и 100, за што сметаме дека најмногу ќе ѝ одговара на Македонија – ветуваше Шекеринска.
Професорот Ристески: Мора да се откажеме од луксузирање
Професорот Темелко Ристески, во изјава за Плусинфо предлага да се направи фузија на сродните ресори во извршната власт, па на тој начин да се намали бројот на министерствата и побезболно да се спроведе реформата во организацијата на новата извршна власт. Македонија, вели професорот, не смее да си дозволи луксузирање и неекономичност во организацијата на власта, тоа не го прават ниту развиените европски земји.
– Треба да се размислува во тој правец, да се спојат ресорите наука, култура и образование во едно министерство, а финансии и економија, како сродни ресори, во друго. Потоа, може да се направи фузија на ресорот земјоделие и животна средина и на тој начин да се намали бројката на постојните министерства и да се доведе барем до 20. Кога има многу органи во управата, тоа значи неефикасност. Кај што има многу луѓе, има и неефикасно работење. Мора да водиме сметка системот да троши помалку енергија, а да постигнува подобри резултати, со квалификувана и квалитетна администрација – вели професорот Ристески.
Тој предупредува дека создавањето ефикасни и одговорни органи на извршната власт е тешка задача, затоа што станува збор за голема бројка на луѓе кои ќе треба да останат без работа, или да им се бара друго чаре, но дека во интерес на економските параметри, новата власт треба да се зафати и со оваа ветена реформа.
Сепак во, барабанот на барања, условувања, па и уцени во преговорите за новата влада, најавени по илинденските празнувања, тешко дека некој очекува да се случи кастрењето на функционерските фотелји. Можно ли е бројот на играчи во трката за нова влада да испорача барања за нови функционерски столчиња? На ова прашање професорот Ристески одговара:
– Не верувам дека би оделе на зголемување на бројот на министерства, а тоа не смееме да си го дозволиме и како земја кандидат за членство во ЕУ. Настрана тоа што во рамката за преговори се мониторира, како и намалувањето на администрацијата.
Хрватска ја скрати владата и ќе заштеди 13 милиони евра
И додека ветувањата на македонските политичари за кастрење на министерствата завршуваат во бунар после секои избори, актуелниот и иден премиер на Хрватска, Андреј Пленковиќ, пред два дена го направи тоа што им го ветуваше на своите граѓани – неговиот нов кабинет го скрати за четири министри, па сега има 16 министри и четворица потпретседатели. Новата организација на хрватскиот владин кабинет, според најавите на Пленковиќ, ќе му донесе годишна заштеда од најмалку 100 милиони куни (13 милиони евра).
Пленковиќ, освен помал број министерства, најави и намалување на бројот на општините и локалните власти, односно укинување на позициите заменици градоначалници, градоначалници и жупани.
Хрватскиот пример на создавање одговорна власт се состои во тоа што се спојуваат министерствата за правда и администрација, градежништво и државен имот. На Министерството за труд и пензиски систем ќе му се додаде и секторот за социјална политика, а ќе има и ново министерство за туризам и спорт. Во Министерството за економија и одржлив развој ќе биде секторот за енергетика и климатски промени.