Владината пропаганда побрза македонскиот јазик да го прогласи за официјален јазик во ЕУ
Лингвистот Бобан Карапејовски на Фејсбук напиша дека тешка манипулација претставува вчерашното споделување на веста дека македонскиот јазик станал официјален на ЕУ.
Лажна вест е фактот дека македонскиот јазик станал официјален јазик на Европската Унија. Тоа ќе се случи токму во моментот кога нашата земја ќе стане полноправна земја членка на ЕУ, истакна секретарот за меѓународна политика на ВМРО-ДПМНЕ и кандидат за пратеник, Тимчо Муцунски, додавајќи дека овој предлог-текст за преговарачката рамка не е причина за некоја голема прослава, туку само след на редовна процедура.
– Обидите да се создава еуфорија од секој минимален чекор веќе стана фолклор. Граѓаните се сеќаваат на сите претходни ветувања на СДСМ за веќе добиен датум иако очигледно до тоа сè уште не е дојдено. Овој предлог-текст е причина за повеќе да се посветиме кон работата и спроведувањето на опипливи и сериозни реформи. Треба да бидеме свесни дека Македонија не случајно повторно е исправена пред нови пречки и услови. Некои се билатерални, како употребата на термините македонски јазик и македонскиот народ или историските личности и настани кои ги оспорува нашиот источен сосед. Иста е состојбата со македонското малцинство надвор од границите на Македонија – рече Муцунски.
Истиот став го дели и лингвистот Бобан Карапејовски, кој на Фејсбук напиша дека тешка манипулација претставува вчерашното споделување на веста дека македонскиот јазик станал официјален на ЕУ.
„Одлична вест е усвоената предлог-преговарачка рамка. Добра вест е што немало противења каде што се споменува македонскиот јазик. Не толку добра вест е дека сите овие работи треба да поминат и во националните парламенти. Мала и веќе заборавена манипулација е дека датум за преговори имавме уште пред две години (а тој уште не е предвиден). Тешка манипулација е вчерашното споделување по социјалните мрежи на веста дека македонскиот јазик станал официјален на Европската Унија“, напиша Карапејовски.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, пак, тврди дека македонскиот јазик веќе се смета за официјален јазик во ЕУ.
– Со официјализирање на македонскиот јазик во европското законодавство, се докажува дека јазикот не ни е изгубен, како што тврдат од ВМРО-ДПМНЕ. Ја повикам опозицијата да го поздрави европскиот напредок на земјава – порача Заев.
Повеќе медиуми вчера поитаа да ја пренесат информацијата дека Европската Унија го признала македонскиот јазик без фусноти, што, очигледно, се покажа како неточно.
„Во Предлог-преговарачката рамка за Северна Македонија што денеска ја усвои Европската комисија, одредницата што се користи за именување на јазикот е – македонски (Macedonian), без никакви дополнителни објаснувања или фусноти. Ова се смета за чин на официјално признавање на македонскиот јазик на ниво на ЕУ и негова промоција во еден од официјалните јазици на Европската Унија во иднина“, објавија дел од медиумите.
Впрочем, земјава веќе со години има акредитирани преведувачи на и од македонски јазик, акредитација што официјално ја издава Европската Комисија, па така, кога премиерот Зоран Заев се обрати на македонски јазик на пленарна седница во Европскиот Парламент, се употреби и тогаш официјално македонски јазик. Слично беше и за време на техничките скрининзи минатата година. Точно е дека јазикот се признава од страна на Европската Комисија, но официјален јазик на ЕУ ќе може да стане само откако Македонија ќе стане полноправна членка на Унијата, како што предвидуваат повелбите на Унијата.