Германија има обезбедено доволно количини од лекот „ремдесивир“
Федералната влада однапред го обезбеди „ремдесивир“ за лекување на пациенти со ковид-19. Во моментов има доволно резерви - велат од министерството.
Германија досега обезбеди доволна количина од лекот „ремдесивир“, за кој се очекува да стане првиот лек за лекување на пациенти со коронавирус во Европа. Берлин се потпира на производителот „Гилеад“ за да ги задоволи идните потреби.
Вака одговори германското Министерство за здравство на барање на „Ројтерс“.
– Федералната влада однапред го обезбеди „ремдесивир“ за лекување на пациенти со ковид-19. Во моментов има доволно резерви – велат од министерството.
Оттаму појаснуваат дека условното пазарно одобрение, кое се очекува да биде издадено од Европската комисија оваа недела, доаѓа со обврска компанијата да испорачува доволно количини во иднина.
– Имаме доверба во „Гилеад“ да ја исполни оваа обврска – соопшти Министерството за здравство.
Пред неколку дена, „Гилеад“ ја објави цената на „ремдесивир“ кој се користи во борбата против коронавирусот – 390 американски долари за ампула за американската влада и другите развиени земји. Цената на петдневниот третман на лекување на коронавирусот со ремдесивир е 2.340 долари по пациент.
Инаку компанијата „Гилеад“ постигна договор со египетскиот фармацетски гигант „Ева Фарм“ за добивање на лиценца за производство на првиот антивирусен лек „ремдесивир“, кој се користи како експериментален третман за пациенти кои страдаат од пандемија ковид-19 и да ја дистрибуира во 127 земји.