Зибери: Заев и Мицкоски не можат да го негираат правото на Албанците да имаат премиер

Граѓаните Албанци, но и сите други граѓани на Македонија, се тие од кои ја барам довербата. Бидејќи како непристрасен премиер, јас ќе имам одговорност кон нив и кон државата.

1,825

Насер Зибери, кандидатот за премиер од партијата на Али Ахмети денеска од Преспа проача дека е почестен и горд да биде прв кандидат Албанец за премиер во историјата на земјава. Тој на лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ им порача дека неможат да го негираат правото на Албанците да имаат премиер.

– Само пред неколку недели, никој не можеше да помисли за еден премиер Албанец во Северна Македонија. Сега, целата земја зборува за ова, но зборува и регионот и меѓународната заедница. Ме изненади повикот на Али Ахмети со неговата покана за средба во неговата канцеларија. Ме запозна дека имал консултации со многу почитувани луѓе на цивилното и академското општество и дека моето име беше помеѓу предложените како надпартиски кандидат.  Искрено се изненадив, и нормално се чуствував ценет. За да бидам потполно искрен, си мислев во себе дека ова нема да го промени само мојот живот, но исто така е многу голема одговорност – рече Зибери.






Според него, одлуката воопшто не била лесна, но додаде дека челикот се кали во оган и една личност се цени за одлуките за кои се нафаќа за општественото добро наспроти личниот комодитет. Тој се согласил да ја прифати кандидатурата поради тоа што верува, оти целиот живот го посветил за борбата за рамноправност на Албанците.

– Реков да, затоа што верувам во идејата за првиот премиер Албанец и верувам дека не е само чест, туку и должност и обврска за да и служам на ова идеја и на нашата албанска заедница во нашата земја. Јас верувам дека заедно ќе успееме. Да, затоа што јас целиот живот го посветив во борбата за рамноправност на Албанците и другите граѓани, за подобар живот за Албанците, како пратеник од ПДП, како министер за труд и социјална политика, како потпретседател на владата, и како адвокат. Јас ја имав честа да придонесам и во изготвувањето на текстот на Охридскиот Договор, кој што беше почетокот на нашиот пат кон еднаквите права во едно еднакво општество. Иако Охридскиот Договор се применува, нашиот јазик сега е службен јазик и имаме голем напредок во многу области на нашето општество, ние сѐ уште не сме потполно рамноправни. Ние се соочуваме со нерамноправен однос на работа, во правдата и во секојдневниот живот. Ние сѐ уште не сме рамноправно застапени во администрацијата и во власта. Време е за последниот чекор, време е да ги урнеме последните ѕидови кои го делат нашето општество на два дела: македонци и немакедонци. Време е за првиот премиер Албанец. И да затоа што ова идеја е поголема од мене и од секоја личност. Таа е поголема од ДУИ и од секоја партија. Јас не би прифатил да бидам партиски кандидат. Ниту за ДУИ ниту за некоја друга партија. Бидејќи независноста секогаш беше моето начело како придонесувач во политиката, независноста ќе биде моето начело како премиер. Еден премиер не треба да ѝ служи на една партија.  Тој треба да им служи на граѓаните.  Пред да му го соопштам на Ахмети мојот конечен одговор,  го прашав за ова и тој беше повеќе од задоволен од моето прашање. Ова го мислеше и тој,  независен кандидат кој ќе биде премиер на сите. Кандидат кој ќе ги обедини сите Албанци, но и повеќе  ќе ја обединува Северна Македонија – рече Зибери.

Тој додаде дека поради тие причини се чуствува спремен и одговорен да се ангажира за каузата и да се кандидира за премиер во името на албанската заедница во Македонија.  Зибери се заблагодари за довербата и храброста бидејќи ниту една друга партија во Македонија никогаш не предложила   независен кандидат за таа позиција. Тој ја побара довербата и од  другите партии на Албанците и како што рече  подава раката за соработка.

– СДСМ и ВМРО сега веќе јасно го изразија нивниот став – тие се обединети против премиер Албанец. Сега е времето да се обединат албанските партии. Не против ВМРО и СДСМ, туку за премиер Албанец. И, лично им велам на Заев и Мицковски, Вие не можете да го негирате правото на Албанците да имаат премиер, Вие не сте сопственици на земјава, туку за да им служите на гласачит, а тоа подразбира и на
Албанците. Граѓаните Албанци, но и сите други граѓани на Македонија, се тие од кои ја барам довербата. Бидејќи како непристрасен премиер, јас ќе имам одговорност кон нив и кон државата. Обединување за рамноправност е тоа што ни треба. Заедно, ние можеме да успееме. Заедно, можеме да ги доведеме Албанците во рамноправна положба во Северна Македонија. Јас верувам во целосно рамноправно општество и верувам во обединување. Кога бев вклучен во политика, ние Албанците бевме обединети за нашите права. Да, имаше разлики помеѓу нас, но кога се работеше за големи прашања, ние бевме обединети и обединети се боревме. Во политика и во војна. Така победивме. Нашата борба за рамноправност беше поголема од партиските интереси. Ние веќе не сме во војна, но сепак се соочуваме со секојдневни предизвици. И, знаеме дека само обединети, можеме да ги надминеме овие предизвици – рече Зибери.

Според него, обврска им е, да изградат едно општество за нивните деца, во кое тие можат да живеат во мир и благосостојба, каде тие ќе можат да ги остварат нивните соништа, каде тие имаат еднакви можности. Обврска им е да изградат земја, од која децата ниема да се иселат, бидејќи уживаат еднакви можности, тука, каде се родени, каде што им е домот. Обврска им е да создададат општество на можности, каде што етничката припадност не е ограничување – без разлика дали сте Албанец, Турчин, Бошњак, Ром или Влав, туку е богатство.

– Ова е тоа кон што цели идејата за премиер Албанец, пред сѐ. Подобра иднина за сите, рамноправно општество и сигнал за светот, дека Северна Македонија е подготвена за Европа, дека ние имаме смелост да ја носиме историјата во нашите срца и мисли, но за да изградиме заедничка иднина! Македонците не треба да ја сфатат рамноправноста како закана. Никој не сака да им одземе ништо – напротив, рамноправноста ќе ни послужи на сите и ќе однесе нашата земја напред. Јас, дури би сакал да ги поканам сите граѓани на Македонија, кои се заситени од македонската политика, која во суштина е бескрајна војна помеѓу двете главни партии, да се обединат околу идејата за еден непристрасен премиер, кој партиските интереси ќе ги стави настрана и ќе им служи на граѓаните. Денес, го почнуваме патувањето кон една нова ера. Ние почнуваме со еден голем сон за рамноправност, за надеж. Почнуваме со големи амбиции да го промениме политичкиот систем во Северна Македонија, ставајќи му крај на двоецот во власт кои земјата ја држеа под канџи на политичките борби. Само пред неколку недели не би ни помислил за премиер Албанец во Северна Македонија. Оваа функција беше некако резервирана за Македонците, дури и во нашите умови. Меѓутоа, зошто да не? Зошто не би требало премиерот да биде Албанец? Ние можеме да го оствариме ова. Што поголем бројот на луѓето кои ќе бидат ентузијасти за оваа идеја, колку повеќе веруваме во тоа, толку повеќе ќе има шанси истата да се случи – порача Зибери и додаде дека големите достигнувања секогаш почнуваат со големи соништа и дека обединети, ќе ја претворат Македонија во земја, каде што граѓаните се рамноправни, каде што Албанците можат да постигнат сѐ, дури и  премиер.

– Јас верувам! Јас се осмелувам да сонувам и да го остварам сонот! Да го оствариме сонот заедно! Да создадеме историја заедно  – рече Зибери.

 

Поврзани содржини