Туристички агенции и превозници бараат продолжување на владините мерки за секторот

Доколку не се прифатат нивните барања тие најавуваат тужби за оштета кон државата.

329

Продолжување на мерките кои ги донесе владата, а кои се однесуваат  на платите на вработените,  покривање на режиските трошоци како и  ослободување од плаќање ДДВ бараат туристички агенции и превозници. Доколку не се прифатат нивните барања тие најавуваат тужби за оштета кон државата.Тие сметаат дека отварањето на границите нема да им помогне да ја надминат кризата бидејќи намален е интересот на туристите за патување, а нивните приходи се сведени на нула.

Според нив владата треба да им обезбеди неповратна месечна финансиска помош за покривање на режиските трошоци (кирија, сметки за вода, струја, сметководство..).

– Наш предлог е за помалите агенции до 5 вработени, помошта да биде 500 евра месечна субвенција, а над 5 вработени по 1000 евра, додека трае ситуацијата и наназад откако е затворена границата, април, мај и јуни – велат тие.

Според нив потребно е да се продолжи мерка покривање на плати на сите вработени во туристичкиот сектор додека трае пандемијата, минимална плата во државата 14.500 мкд со 100% платени  придонеси.

– Да не постои плаќање 50% од наша страна, бидејќи сме затворени и немаме воопшто приходи со кои би ја покриле дури и оваа мала сума. Мерката минимална плата да важи за сите, без разлика дали некој бил во загуба или не, сепак плаќал данок. И да се помогне на новоформираните агенции кои ја немаа можноста воопшто да започнат со работа и се ставени во ситуација да отпуштаат вработени заради тоа што немаат приходи, а со досегашните мерки не беа земени во предвид – велат од Агенциите.

Агенциите сметаат и дека треба да бидат ослободени од плаќање на ДДВ, данок на добивка и аконтација за Данок на добивка до крајот на годината.

Според нив, владата треба да се донесе и Уредба за одлагање на враќањето на кредитите кај  комерцијалните банки за период од една година, а за кредитите одобрени од Развојна банка да се зголеми грејс периодот од 6 на 12 месеци. Дополнително да се одобруваатбескаматни кредити за сите туристички агенции и превозници, без услови.

Туристичките агенции и превозниците вкупно 70 кои стојат за овие барања очекуваат Министерствата за економија и финансии да ги разгледаат предлозите и да ги повикаат на разговор во што е можно пократок рок. Во спротивно тие ќе покренат постапки за оштета од државата.

Поврзани содржини