Заев: Идејата за премиер Албанец на ДУИ е популистичка
Здраво е за државата по 17 години на власт ДУИ да оди во опозиција, но сепак за ова граѓаните одлучуваат преку својот глас - рече Заев.
Одговарајќи на новинарско прашање, претседателот на СДСМ, Зоран Заев, повторно ја коментираше идејата на ДУИ за албански премиер, оценувајќи ја како популистичка и велејќи дека ДУИ сама ќе ја изгуби идејата.
– Здраво е за државата по 17 години на власт ДУИ да оди во опозиција, но сепак за ова граѓаните одлучуваат преку својот глас. Дури би било добро ДУИ да се обиде да освои гласови од Македонците и другите помали етнички групи. Истото важи и за ВМРО-ДПМНЕ се обиде да ги освои гласовите на Албанците и другите помали етнички групи. Инаку, следниот премиер ќе биде од редовите на СДСМ – рече Заев.
Заев потсети дека тој и неговата партија се основоположници на концептот „Едно општество за сите“.
– На сите треба да им биде јасно дека јас себе си и СДСМ го сметам за основоположник на концептот „Едно општество за сите“. Покажавме дека сме растоварени од етничката припадност на граѓаните. Има добри и лоши луѓе, квалитетни и способни и неквалитетни и неспособни кои не можете да ги номинирате за која било функција. Ние денеска во СДСМ имаме потпретседатели, членови на централниот и извршниот одбор, министри, пратеници, директори од сите етнички заедници и тоа е убавината на мултиетничка Македонија – рече лидерот на СДСМ и додаде дека идниот премиер ќе биде од СДСМ.
Ги донесовме одлуките. Јас сум идниот мандатар на владата, потенцира Заев.