Колев му пиша на Пендаровски: Не ви треба тој кајак во кој се наоѓате без ваша волја
Не можам да зборувам во името на другите политички партии, но верувам дека и кај нив има одредено незадоволство од начинот кој е под секое елементарно ниво на пристојност, недостасува уште и нас и граѓаните да не прогласите за скап и непотребен декор, пишува Колев во отвореното писмо до Пендаровски.
Лидерот на ГДУ, Петар Колев, испрати отворено писмо до претседателот Стево Пендаровски, во кое му порачува да почне да се однесува како претседател на државата, а не како нечиј советник.
Ви го пренесуваме писмото во целост:
„Чувствувам обврска да Ви се обратам на овој начин затоа што за моја искрена жал, станавте составен дел од еден крајно манипулативен процес предводен од двоецот Заев-Мицковски, процес кој се случува пред целата македонска јавност во исклучително трагичен период.
Независно од Вашите критериуми, Ви обрнувам внимание дека употреба на еуфемизмите од типот „инклузивност“ што на прост македонски јазик се нарекува – вклученост, подразбирање, сеопфатност, а од пристојност и кон Вас и кон Вашата функција, еуфемизам нема да Ви го преведувам, од вклученост досега не видовме ништо.
Ви обрнувам внимание дека настрана од екипажот на „Двоецот со кормилар“ СДСМ,ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, на гласачкото ливче се наоѓаат уште единаесет политички субјекти кои настапуваат самостојно. Нашата маленкост, Граѓанско Демократската Унија- ГДУ е под реден број седум (ова е доколку сакате да гласате за нас во ИЕ1).
Не можам да зборувам во името на другите политички партии, но верувам дека и кај нив има одредено незадоволство од начинот кој е под секое елементарно ниво на пристојност, недостасува уште и нас и граѓаните да не прогласите за скап и непотребен декор.
Веројатно е бесполезно, но апелирам до Вас, да почнете да се однесувате како Претседател на Републиката, а не како нечиј советник и да ги земете во предвид сите аспекти од Вашето досегашно постапување. Не Ви треба тој кајак на кој се надевам, се наоѓате без Ваша волја“.