Вонредната состојба не го смени ставот на тутунарите

Од прилепската подрачна единица на Министерството за земјоделство сметаат дека во Прилепско-Долненскиот регион има зголемен интерес и ќе има над 1.000 договoри повеќе.

619

Вонредната состојба не го смени ставот на тутунарите дека тутунопроизводството е една од најдоходовните земјоделски гранки. Садењето на тутунот е при крај, а во некои региони ќе стигне раната прва берба од годинашнава реколта тутун.

Од прилепската подрачна единица на Министерството за земјоделство сметаат дека во Прилепско-Долненскиот регион има зголемен интерес и ќе има над 1.000 договoри повеќе.






Според Зоран Пачешкоски, раководител на подрачната единица, повеќе од половината нови договори се на млади земјоделци.

– Годинава е поголем интересот за тутунопроизводство во Прилепско-долненскиот регион. Лани имавме околу 8.000 договори, а годинава се над 9.000 склучени договори со откупувачите. Тоа значи дека има околу 1.000 договори повеќе, од кои повеќе од половината се на млади земјоделци кои првпат отовраат земјоделско стопанство. Тоа се должи на лани најдоброплатената година за тутунарите и за исплатените повисоки субвенции. Освен што тутунот е добро платен, за младите земјоделци има мерки, како што е Млад земјоделец, околу 20 000 евра неповратни средства, преку ИПА, па како „Рурална жена“, па младите се насочуваат спрема земјоделството – вели Пачешкоски.

Но, од Сојузот за земјоделски здруженија на Македонија велат дека околу 3.000 договори годинава се помалку склучени со тутунарите во македонија, а за околу 4.000 тони ќе биде помал родот. Според Методија Стомнароски, поради пандемијата не е позната причината зошто е намалено склучувањето договори со откупувачите во земјава.

– Лани беа склучени 32.728 на површина од 13.346 хектари за 26.730 тони. Годинава се склучени 29.932 на површина од 12.095 хектари за 22.959 или 23.000 тони. Што значи имаме намалување во споредба со минатата година. Не можам да кажам која е причината, сепак се тоа приватни откупни компании. Поради пандемијата немаме средби со откупувачите. Во спротивно ќе имавме информации зошто има намалување во склучените договори и на помали површини. Инаку, со засадувањето е помалку, зашто никој нема да ризикува да сади тутун на недоговорен род – вели Стомнароски

Поврзани содржини