Арсовски: СДСМ молчи за скандалозното доделување на лиценци за одгледување на марихуана
Четири дена молчат за скандалот каде што Венко Филипче, Зоран Заев и Оливер Спасовски имаат одговорност за доделување на две лиценци на фирми поврзани меѓу себе преку менаџментот и со сопственикот и блиски воедно до семејството Заеви.
СДСМ четврти ден молчат за скандалозното доделување на лиценци на фирми на блиски луѓе до Зоран и Вице Заеви. Криминалот во СДСМ стана “Modus Vivendi” и “Modus operandi”, односно криминалот стана начин на живеење и начин на работа и однесување во оваа партија. Молкот значи дека се фатени живи во корумпираност и криминал. Сомнежите за штетното работење на владата на СДСМ го потврдуваат со молкот, односно 4 дена молчат и не објаснуваат ништо во врска со овие две лиценци кои што ги доделиле во време на вонредна состојба, изјави на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.
– Имено, четири дена молчат за скандалот каде што Венко Филипче, Зоран Заев и Оливер Спасовски имаат одговорност за доделување на две лиценци на фирми поврзани меѓу себе преку менаџментот и со сопственикот и блиски воедно до семејството Заеви. Да потсетиме уште еднаш, во фирмата „Еко Енерџи-Космос“ управител е синот на градоначалникот од Ново Село, близок до Заеви, кој шверцуваше цигари и беше фатен и спасен воедно од фамилијата Заеви, а еден од сопствениците на оваа фирма е Христијан Котев, инаку син на претседателот на СДСМ Ново Село Тони Котев – рече Арсовски.
Тој потенцира дека во другата фирма која што доби лиценца исто така за одгледување на марихуана од страна на владата предводена од СДСМ и од Заеви пред пет дена „Лајтинг Лукс“, сопственик и управител е Славица Котева, инаку братучедка на претседателот на СДСМ Ново Село и тетка на сопственикот на другата фирма која што доби лиценца, Христијан Котев.
Тој праша дали СДСМ, Зоран Заев, Венко Филипче и Оливер Спасовски имаат намера да излезат во јавност, да се охрабрат и да им соопштат на граѓаните зошто доделуваат лиценци на блиски луѓе до СДСМ во време на вонредна состојба кога граѓаните секојдневно се борат со здравствена и економска криза предизвикана од вирусот ковид-19. Ј
– Јавно прашуваме дали јавното обвинителство и Комисијата за спречување корупција имаат намера да отворат случај за овие две доделени лиценци од страна на владата во време на вонредна состојба. СДСМ води штетна политика и за граѓаните и за државата. Корумпираноста на функционери од типот на Зоран Заев, Венко Филипче и Оливер Спасовски не може да се сокрие никако. Одговорност за целиот криминал, корупција и штетна политика мора да има и верувајте дека ќе има веднаш откако ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на власт – вели Арсовски.