Грижа за менталното здравје на постарите за време на пандемијата

Неколку практични совети кои можат да ви помогнат да им овозможите поддршка која во овие моменти им е повеќе од потребна.

400

Во време на пандемија на коронавирусот, физичкото дистанцирање се покажа како најефикасна превентивна мерка во заштитата на здравјето на населението. Но социјалната дистанца на подолг период, несвојствена за природата на човековото битие, има реперкусии по менталното здравје и добросостојбата на луѓето, пишува  проф. д-р Диана Белевска, психолог и психотерапевт.

Светските искуства и истражувања покажуваат дека оваа новонастаната ситуација најтешко ја погодува повозрасната популација, затоа и психолошката вознемиреност кај постарите е очекувана појава. Кај повеќето од нив неможноста за физички контакт со пријателите и блиските, стравот за здравствената состојба поради веќе постоечките хронични болести, предизвикувааат депресивни чувства, чувство на осаменост, вознемиреност и други психолошки и психосоматски потешкотии. Токму затоа, грижата за менталното здравје на постарите членови на семејството треба да биде исто толку важна како и грижата за нивното физичко здравје.






Еве неколку практични совети кои можат да ви помогнат да им овозможите поддршка која во овие моменти им е повеќе од потребна:

– Комуницирајте со нив секојдневно, а доколку живеете одвоено посетувајте ги секогаш кога можете (секако, со почитување на препорачаните мерки за заштита). На тој начин ќе знаат дека се грижите за нив и дека не се сами.

– Разговарајте за тоа како се чувствуваат, што мислат за состојбата со корона вирусот и како тоа влијае на нивното функционирање.

– Охрабрете ги да комуницираат преку телефон со пријателите и членовите од семејството кои живеат одвоено од нив.

– Проверете дали ги извршуваат нивните рутински активности во домот и во однос на грижата за себе. Чувството на осаменост кај постарите индивидуи може да има влијание во извршувањето на секојдневните активности и да допринесе до намалена грижа за себе.

– Со оглед на тоа што треба да поминат најголем дел од денот дома, помогнете им да го исполнат времето. Можете да ги замолите да направат нешто за вас – да готват, да поправат некој апарат, да ги поучуваат внуците и слично. Важно е да се ангажираат во активности кои сакаат да ги прават, но не да им се наметнуваат обврски.

– Поддржете ги ако сакаат да научат нешто ново, на пример да користат компјутер или паметен телефон. Помогнете им, но бидете трпеливи ако тоа се одвива бавно.

– Постарите индивидуи имаат големо животно искуство и поминале различни животни ситуации, па дел од нив можат да се чувствуваат неранливи и отпорни на сѐ. Покажете им разбирање и признание на нивното искуство, и поттикнете ги да ја искористат нивната мудрост во справувањето со оваа ситуација.

– Доколку забележувате промени во нивното функционирање и се сомневате на посериозни психолошки потешкотии, побарајте стручна помош.

И за крај, не заборавајте дека во овие изменети услови на живеење поддршката на постарите во одржување на нивната функционалност и физичко здравје е многу важна, но уште позначајна е грижата за нивното ментално здравје!

Поврзани содржини