Компанијата „Алкалоид“ од Белград му донираше на Институтот за јавно здравје на Србија „Д-р Милан Јовановиќ Батут“ материјал за дијализа во вредност од 80.000 евра, објави Курир.рс.
Целта на оваа донација е придонес за подобрување на специфичните услови за работа на здравствените работници во нивната благородна мисија во услови на пандемија, како и олеснување на третманот на пациентите на дијализа во Република Србија. Донираниот материјал за дијализа е дел од јавната набавка на материјал за дијализа која ја спроведува РФЗО, како нарачател за потребите на здравствените институции во Србија.
Водени од начелата за корпоративна општествена одговорност, како и хуманата програмско-производствена определба, пред сѐ, насочена кон крајните корисници, „Алкалоид“ од почетокот на годинава на здравствените институции и здруженија во Македонија и во регионот по разни основи им донираше повеќе од 300.000 евра за набавка на реагенси, лекови, апаратура, средстава за хигиена и за слични потреби. Покрај донациите во Македонија и во Србија, „Алкалоид“ од почетокот на април годинава реализираше донации и во Бугарија, Босна и Херцеговина и во Хрватска.
– Во услови кога сите светски економии се оставени сами на себе и се борат за да ги ублажат ефектите од новата економска криза, кога губитокот на работните места е неминовен дел на таа сурова реалност, кога логистичките пречки ја добиваат битката за пласман на производите, ретки се компаниите кои можат да ги надминат овие предизвици и да помогнат во вакви тешки времиња. Свесни сме за тешката состоја во која се наоѓаат здравствените системи во услови на пандемија и напорите кои здравствените работници ги вложуваат за зачувување на здравјето и на човечките животи. Како компанија чиј слоган е „Здравјето пред сѐ“ во оваа прилика сакаме да им оддадеме посебна почит на медицинските сестри, здравствените работници, хигиеничарите, продавачите на пазарите и супермаркетите, фармацевтите и техничарите во аптеките, транспортерите, пекарите и на сите оние кои ги ризикуваат своите животи за нашето непречено функционирање – рече Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на компанијата во интервју за македонски медиум.
Почетоците на „Алкалоид“ во Србија датираат од 1950. година, а според кажувањата на српските фармацевти, алкалоидовите лекови никогаш не излегле од книгата на жолтиот регистар на лекови, што доволно зборува за традицијата на компанијата на српскиот пазар. Србија е најголемиот извозен пазар на „Алкалоид“ АД Скопје и единствено место надвор од границите на Македонија каде компанијата има сопствено производство и веледрогерија, која вработува 133 работници.
„Алкалоид“ д.о.о. Белград опфаќа 62 регистрирани производи чиј годишен обем на производство надминува 6.000.000 пакувања, а вкупното портфолио на алкалоидовите производи кои можат да се најдат на српскиот пазар е поголем од 200 ОТЦ производи, кардиолошки препарати, лекови кои делуваат на централниот нервен систем и антибиотска палета на носечка група фармацевтски производи кои „Алкалоид“ ги пласира, а од козметичките производи секако најпознат е брендот „Бекутан“.