НАУЧИ ДА ПИШУВАШ (10) Сложените реченици – на делење! Но и тука име едно „но“…

901

Веќе зборувавме за сложените реченици и за меѓусебните односи меѓу дел-речениците (паратакса и хипотакса). Во својата книга Синтакса на македонскиот стандарден јазик, која е референтен труд од оваа област, авторката Лиљана Минова-Ѓуркова зборува и за односи на координација меѓу независните дел-реченици (паратакса) и субординација меѓу зависните дел-реченици (хипотакса).

Важно е да се знае дека и од меѓусебните односи на дел-речениците во сложената реченица, а не само од нашите стилистички определби, зависи дали ќе се определиме за разделување на сложените реченици во помали (прости) реченици или, обратно, ќе одиме кон спојување на простите реченици во сложени. Затоа, важен дел од нашето елементарно предзнаење за синтаксата на нашиот јазик треба да биде класификацијата на сложените реченици и врските меѓу дел-речениците.






Златното правило

Како и да е, основното правило што мора да го почитуваме е прилично едноставно: Секогаш кога можеме една сложена реченица да ја поделиме на две или повеќе, ќе го сториме тоа! Има многу аргументи во прилог на ова златно правило. Сложените реченици по правило се долги и тешко се следат. Освен тоа, тие се плодна почва за виреење на семантички збрки и нејаснотии.

Таков случај забележуваме, на пример, во сложената реченица Како што соопшти полицијата, грабежот бил извршен ноќта помеѓу трети и четврти, во време од 20.30 часот до 5 часот, на тој начин што сторителите со погоден предмет ја отвориле влезната врата од имамот, влегле внатре и по извршено пребарување оѕеле 1.000 денари и парагон-блокчиња, а потоа ја отвориле влезната врата од xамијата, влегле внатре и од стаклен сад, каде се чувале пари за доброволни прилози, одзеле околу 18.000 денари и го напуштиле лице местото. Освен што има „бисерни“ фрази, како лице местото, но и редундантни информации, како таа за украдените парагон-блокчиња (многу важно, џанам), исказот е нејасен и поради тоа што авторот посакал во една единствена реченица да ја опише целата приказна. И така ја утнал работата.

Затоа, сложената реченица внимателно ќе ја поделиме на неколку реченици: Полицијата соопшти дека грабежот бил извршен ноќта помеѓу 3 и 4 април, меѓу 20.30 часот и 5 часот изутрина. Со погоден предмет, сторителите ја отвориле вратата од имамот, го пребарале објектот и одзеле 1.000 денари. Потоа ја отвориле и вратата од џамијата. Таму, од стаклен сад, во кој се чувале пари за доброволни прилози, зеле околу 18.000 денари и избегале. Нормално, попатно извршивме и некои други нужни интервенции: нема влезни и излезни врати (затоа напишавме само врати), одвишно и бесмислено е да се каже дека по обивањето на вратата крадците влегле внатре и потоа го ограбиле имамот, а важно е да се внимава и на збороредот во реченицата. Но, најважната интервенција е што сложената реченица ја поделивме на четири реченици, кои заедно чинат едноставен и разбирлив текст.

Најлесно се делат независните дел-реченици. Како во примерот Јанкуловска и Михов ќе разговараат за повеќе теми, ќе стане збор и за заедничката канцеларија за размена на информации на граничните премини Деве Баир и Ѓуешево, како и за предлогот за потпишување  билатерален договор меѓу двете земји за локалниот граничен сообраќај. Оваа реченица ќе ја поделиме едноставно:  Јанкуловска и Михов ќе разговараат за повеќе теми. Ќе стане збор и за заедничката канцеларија за размена на информации на граничните премини Деве Баир и Ѓуешево. Тема на разговорите ќе биде и предлогот за потпишување билатерален договор меѓу двете земји за локалниот граничен сообраќај.

Не е тешко да се подели и оваа сложена реченица: Две девојчиња на тригодишна возраст изгореле во пожарот кој избувнал во нивната куќа во селото Језерце, во косовскиот град Урошевац, додека без повреди успеале да се спасат останатите пет члена од семејството, но куќата била целосно уништена, јави тиранската телевизија Топ-ченел. Ќе постапиме логично: Две девојчиња на тригодишна возраст изгореле во пожарот кој избувнал во нивната куќа во селото Језерце, во косовскиот град Урошевац. Според тиранската телевизија Топ-ченел, без повреди успеале да се спасат останатите пет члена од семејството, но куќата била целосно уништена. Оваа е типичен пример кога поделбата на сложената реченица, која е формално коректна и во основа јасна, сепак се наметнува како нужна, поради нејзината должина, која го отежнува следењето.

Кога сложените и долги реченици се оптоварени и се со нејаснотии или со комплицирани конструкции од бирократски говор, потребата тие да се поделат е уште понагласена, но и задачата е потешка. Така е во примерот Дополнителната квота на билатерално-транзитни дозволи, обезбедена е на барање од Министерството за транспорт и врски, а се надоврзува на редовните 10.000 дозволи, наменети за македонските превозници кои превезуваат во Хрватска или транзитираат низ таа земја, со што вкупно за 2008 година се обезбедуваат 15.000 дозволи, информираат од ресорното министерство. Во случајов, мора добро да се размисли што сакал авторот да каже, па реченицата внимателно да се подели. Можеби вака: Дополнителната квота на билатерални транзитни дозволи е обезбедена на барање од македонското Министерство за транспорт и врски. Таа треба да ги надополни редовните 10.000 дозволи, наменети за македонските превозници кои превезуваат во Хрватска или транзитираат низ таа земја. Така, за 2008 година сега се обезбедени 15.000  дозволи, информираат од ресорот.

Еве уште еден таков пример: Доколку Македонија не го сочува националното достоинство како нереспектирана држава нема да оствари ниту една стратешка цел, и покрај приказните што ги слушаме од меѓународната заедница, а со губењето на националниот идентитет ќе оживеат вековните аспирации на нашето опкружување и со внатрешна дестабилизација сами ќе си ја растуриме својата национална држава. Проблемот на оваа реченица не е само нејзината сложеност и должината, туку и збрканите мисли во неа. Затоа, ќе ни биде потребно повеќе време да најдеме задоволувачко решение. Да речеме, вакво: Ако Македонија не го сочува националното достоинство, како непочитувана држава, нема да оствари ниту една стратешка цел. Ова ќе се случи наспроти  приказните што ги слушаме од меѓународната заедница. Со губењето на националниот идентитет, пак, ќе оживеат вековните аспирации на нашето опкружување. Со внатрешна дестабилизација, сами ќе си ја растуриме својата национална држава.

Прости или сложени реченици? Тоа е тема на оваа, десетта по ред статија, од серијата посветена на тие што сакаат да ја унапредат вештината за пишување. Се надевам дека во претходната статија ве предизвикав со малку поинакво гледање на нештата од „доктрината“ на јазичарите. Еве уште еден предизвик за вас.

Бранко Героски новинар

Зошто просто, кога поубаво е сложено?

Многу често дилемата дали да се подели една сложена реченица на две или на неколку прости, или, обратно, од две или неколку прости да се создаде една сложена реченица, има првенствено стилистичка димензија. Еве карактеристичен пример за тоа. Макпетрол од утре ќе престане да испорачува керозин за потребите на националниот авиопревозник МАТ. На ваков чекор нафтената компанија се одлучила бидејќи МАТ кон неа има долг од околу 1 милион евра. Прашање е дали е подобро овие две реченици да се поврзат во една?

Спојувањето на двете реченици во една ќе биде поекономично, но дали во овој случај авторот ќе постапи така, сепак, е негова автономна одлука. Таа одлука зависи од целината на текстот, од тоа дали соседните реченици се сложени или прости, од ритамот на исказот и слично. Ако сепак се определи за спојување, еве го решението: Макпетрол од утре ќе престане да му испорачува керозин на МАТ, бидејќи националниот авиопревозник му должи 1 милион евра.

Веќе научивме дека секако мора да го избегнуваме нижењето кратки реченици во телеграфски стил, за што веќе стана збор. Како во следниот пример. Двајца разбојници вчера во 8.45 часот го ограбиле С.Р. (39) од Скопје. Тој е вработен во ЈП “Македонски пошти”. Тие од поштарот украле 400.000 денари. Составувањето на една сложена реченица во овој случај се наметнува како императив: Двајца разбојници вчера во 8.45 часот го ограбиле поштарот С.Р. (39) од Скопје и му зеле 400.000 денари. Патем, информацијата дека човекот бил вработен во ЈП “Македонски пошти” е редундантна, бидејќи сите поштари во Македонија се вработени во тоа јавно претпријатие (друго нема).

Подолу во текстот, каде што детално се објаснува овој тривијален настан, има уште две реченици што мора да се поврзат. Напаѓачите ја пребарале чантата на поштарот и ги зеле парите. Веднаш потоа побегнале во непознат правец. Треба вака: Напаѓачите ја пребарале чантата на поштарот, ги зеле парите и избегале. Фразата веднаш потоа е редундантна, зашто кога се бега, по правило се бега веднаш, не се пие прво кафе. И клишираната фраза во непознат правец е редундантна – какво е тоа бегство кога човек бега во познат правец?

Важно е да се нагласи дека во претходните примери имаме координативно поврзување на простите реченици во сложена реченица: дел-речениците на новата сложена реченица се во однос на координација односно паратакса.

Понекогаш е можно дури и три реченици да се спојат во една сложена. Еве пример. Премиерот на Камбоџа, Хун Сен, овие денови донесе необична одлука. Тој ги забрани изборите на најубави девојки, што во изминатите години во оваа будистичка земја беа чести спектакли. Тие го зголемија бројот на кандидатките и влијанието во јавноста, посебно кај медиумите. Сложената реченица би гласела вака: Премиерот на Камбоџа, Хун Сен, овие денови донесе необична одлука и ги забрани изборите на најубави девојки, што во изминатите години во оваа будистичка земја беа чести спектакли, кои го зголемија бројот на кандидатките и влијанието во јавноста, посебно кај медиумите. Како што забележуваме, речениците тука се поврзуваат главно субординативно, што ја прави структурата на сложената реченица поцврста.

Техники на спојување на простите реченици

Типичен пример на субординативно поврзување е користењето на т.н. партиципативни фрази. Остануваме со текстот за камбоџанските убавици. Ќе ги поврземе следните реченици: Претседателот на Владата, кој ужива голем углед меѓу сонародниците, уште пред две години имал намера да ги прекине изборите за убавица. Тој се води од идејата дека парите кои се трошат за оваа приредба, би било подобро да се употребат за развој на земјоделството. Зборовите тој се води од идејата ќе ги замениме со фразата водејќи се од идејата, која ќе биде врската меѓу дел-речениците. Така: Претседателот на Владата, кој ужива голем углед меѓу сонародниците, уште пред две години имал намера да ги прекине изборите за убавица, водејќи се од идејата дека парите кои се трошат за оваа приредба би било подобро да се употребат за развој на земјоделството.

Еве сличен пример. Неодамна Владата беше принудена да ја национализира третата по големина банка во земјата, Глитнир. Владата плати 600 милиони евра за 75 проценти од нејзините акции. Сложената реченица гласи вака: Неодамна Владата беше принудена да ја национализира третата по големина банка во земјата, Глитнир, плаќајќи 600 милиони евра за 75 проценти од нејзините акции.

Односот на субординација е послаб во примерот на поврзувањето на следните реченици. Во август САД и Либија потпишаа договор за обесштетување на жртвите од конфликтот меѓу двете држави. Договорот ќе овозможи меѓусебно зближување после неколку десетици години од прекинувањето на дипломатските односи. Спојувањето ќе го завршиме со едноставно заменување на зборот договорот од втората реченица, со заменката кој. Така: Во август САД и Либија потпишаа договор за обесштетување на жртвите од конфликтот меѓу двете држави, кој ќе овозможи меѓусебно зближување после неколку десетици години од прекинувањето на дипломатските односи. Ваквата врска што се воспоставува меѓу дел-речениците се нарекува референтна врска.

Во примерот кога врската е зборот бидејќи (веќе ја наведовме реченицата Макпетрол од утре ќе престане да му испорачува керозин на МАТ, бидејќи националниот авиопревозник му должи 1 милион евра), зборуваме за причинско-последична врска.

Еве уште еден таков пример. Во Белгија денеска има национален штрајк на синдикатите. Јавниот сообраќај е многу отежнат. Железничкиот сообраќај на линиите на брзите возови Евростар и Талис е во прекин. Трите реченици ги доведуваме во причинско-последична врска: Во Белгија денеска има национален штрајк на синдикатите, поради што јавниот сообраќај е многу отежнат, а железничкиот сообраќај на линиите на брзите возови Евростар и Талис е во прекин.

Во другите случаи што ги наведовме, зборуваме за граматичка или за логична врска меѓу дел-речениците. Еве уште еден таков пример: Синдикатите протестираат затоа што Владата не успеа да одговори на зголемувањето на цените. Тие ја повикуваат да преземе чекори за ублажување на последиците од инфлацијата. Овие две реченици ги поврзуваме едноставно, паратаксично, логично:  Синдикатите протестираат затоа што Владата не успеа да одговори на зголемувањето на цените и ја повикуваат да преземе чекори за ублажување на последиците од инфлацијата.

Пример на логична врска е и вметнување временска одредница меѓу дел-речениците. Американскиот синџир на популарни кафетерии Старбакс е обвинет од екологистите за неразумно трошење и расфрлање со водата. Претходно, беше откриено дека неговите локали трошат 23 милиони литри вода за пиење. Овие две реченици ќе ги споиме во сложена, употребувајќи го зборот откако. Така: Американскиот синџир на популарни кафетерии Старбакс е обвинет од екологистите за неразумно трошење и расфрлање со водата, откако беше откриено дека неговите локали трошат 23 милиони литри вода за пиење.

Токму како и при разделувањето на долгите и конфузни сложени реченици, така и при спојувањето на кратките збркани реченици во сложена, многу често се потребни поголеми интервенции во исказот, промена на реченичниот акцент и слично. Така е со следниве реченици. Вчера се одржа големиот хуманитарен меѓународен концерт Те сакаме сите, Тоше, на Градскиот стадион во Скопје. Концертот, во чест на македонската музичка икона Тоше Проески, собра над 40.000 луѓе од земјава и од регионот. Тие скоро четири часа пееја за него. Ќе ги поврземе во единствена сложена реченица, но со поинаков реченичен акцент: Големиот хуманитарен меѓународен концерт Те сакаме сите, Тоше, кој вчера се одржа на Градскиот стадион во Скопје, во чест на македонската музичка икона Тоше Проески, собра над 40.000 луѓе од земјава и од регионот, кои четири часа пееја за него.

(Во следното продолжение: На кажувај, раскажувај!)

Фотографија: pixabay.com

Поврзани содржини