Да се пишува за промашувањата на македонската политика и за нејзината површна дипломатија, полна со импровизации од типот на јалови ценкања на кванташки пазар, е навистина веќе заморна работа. И покрај тоа што со години наназад се укажува на сериозните промашувања кои ги водат Македонија, македонскиот јазик и македонскиот народ во комплетно исчезнување, до македонските полуписмени манекени и умислени месии од калливите селски леи, не допира ништо. Како да се излезени од под широкото мафијашко палто на овдешниот доктор за клорекс.
Веројатно ќе се случи истото и сега така. Да не чујат и да не заушат ништо. Но тоа нема да го запре потписникот на овие редови да го каже својот став за тоа што под обландата на универзитетски професори и експерти, му се брише минатото и се наметнуваат нови вистини за минатото на Македонија. Јасно речено, тие љубители на „објективното“ гледање на историјата, бесрамно, политикантски ја ревидираат. За жал, тие на тој начин стануваат апологети на фашизмот и поттикнувачи на кршење на основните човекови права.
Тука нема да ги повторувам веќе јасно изразени критички ставови и за правните рецидиви и ремификации на Преспанскиот договор, а и за оној за добрососедство со Бугарија. За нив, за нивните недостатоци и штети, е доста пишувано. Не само во Македонија, туку и надвор од неа, од компетентни експерти по меѓународно право.
Релативизација што револтира
Причина за овој остар говор, полн со огромни љубовни намери, се неодамнешните настаните со и околу најавите на бугарската волчја политика, скриена во јагнешка кожа, која се заканува со блокада на европските интеграции на Македонија, барајќи во службените документи на ЕУ да се избрише употребата употребата на формулацијата „македонски јазик“. Тоа што бугарските фашисти го прават ниту е ново, ниту изненадува. Тие тоа го прават континуирано и брутално, секојдневно, од Санстефанска Бугарија до денес. Тоа е нивен национален интерес. И за него жестоко се борат.
Но, кој го брани и кој се бори за македонскиот национален интерес? Никој. А ни тоа не изненадува.
Меѓутоа, кога гледате дека некои почитувани професори, а освен тоа и лични пријатели, го бранат бугарскиот национален и државен интерес, во името на некаква нејасна иднина на Македонија, која по пат има горчлив вкус на лошо искуство, а особено кога таа одбрана е без сериозни аргументи, е тогаш тоа не само изненадува, туку и револтира.
Да, револтира релативизацијата на историјата и површната одбрана на бугарските тези за „еден народ и една држава“. Лефтерно распосланите приватни рефлексии на професорот во неговиот напис во Инбокс 7, се во најмала рака сѐ само не сериозно видување од почитуван професор. И никако не е јасно зошто професорот по политичка филозофија ја става политиката над фактите, односно политиката над правото. Зошто професорот го става бакалскиот политички прагматизам над објективното научно истражување? Зошто го заменува правниот аргумент со празни зборови, а не наведува релевантни научно дадени извори и факти?
Денес во овој свет без идеали и без вистински вредности, каде што вистините со постмодернистичка леснотија се брутално деконструирани и претворени во невистини, и каде што популизмот насилно наметнат преку новинарските лаги ги менува и ги крие висините, многу лесно е се да се види вистината. Кутра вистина кога сѐ е вистина. А знаеме дека во деталите и фактите се крие ѓаволот.
Прагматична импровизација на професорот
Мора да се каже дека идејата за формирање народи во современа смисла на зборот е нова појава. Тоа е како што наведуваат многу социолози, антрополози и политиколози, вештачки концепт, контракт, кој се појавува и почнува да доминира пред сѐ во Европа со појавата на индустријализацијата, капитализмот и големите миграции од село в гард. Пред тоа колективната идентификација била пред се според религиозната припадност.
Според повеќето од научниците, етничкиот идентитет, кој е и основа на народите, односно нациите, е повеќе или помалку чувство на припадност, значи пред сѐ емотивна категорија – на една група, било тоа да е држава, религија, раса, род, класа, нација итн – и чувство на идентификација на една група или на лична идентификација со одредени лични или колективни карактеристики и особини, а најчесто со местото на нивното раѓање.
Исто така, според некои научници, како на пример американскиот политички филозоф Бендикт Андерсон, нацијата е замислена заедница, или како што вели Пол Џејмс, таа е апстрактна заедница.
Односно, националниот иденитет, најчесто во минатото, се искажува прво како колективен идентитет, а подоцна и кон крајот на 19 век, и како индивидуален. И тој не е нешто наследено, бидејќи ние прво се осознаваме класно, а потоа нацонално, односно многу често раликата меѓу nature and nurture, меѓу природата на човекот и неговиот развој и воспитување, може да биде многу голема, додека нашите заеднички точки, особини или места на кои се сретнуваме на нашиот заеднички простор, можат да бидат многу различни. Тогаш процесот или предизвикот да се говори и одговори на ова прашање, што е народ, што е нација, станува уште поголем.
Инаку, тој порцес на нациолано осознавање, кој започнува некаде на крајот на 18 век, продолужува и денес во разни форми. Па оттука тезата дека некогаш Македонците и Бугарите биле еден народ, не само што е политичко прагматична импровизација со цел да одговори на потребите на ова зло време, туку е и во најмала рака неточна и штетна.
Историските процеси на национално освестување и борба за национална и социјална слобода на Македонците говорат нешто сосема друго. Во репресивните заедници, какови што биле малите кнежевства што како окупатори владееле со Македонија во тој период, тие владетели на вистината, узурпирале и гушеле секакви пројави на национална свест кај населението што го владееле. Тоа е единствениот контекст во кој треба да се бара и да се чита историјата за националната посебност и доцното национално самореализирање на Македонците. Сѐ останато е ревизионистичко, наметнато толкување од позиција на дневно политички интереси.
Не што пишувале новинарите, туку што пишува во архивите на американските имиграциони служби
Исто така, во своите рефлексии на слободни теми, почитуваниот професор може да ги цитира новинарите и написите во „Њујорк тајмс“ од тоа време. Тие може да пишуваат тоа што тој го тврди. Тоа не е тајна дека во многу весници од тоа време можат да се видат такви одредници и квалификации. Новинарите можат да пишуваат што сакаат. Прашањето е колку се тие „вистини“ правно релевантни. Ни најмалку, би рекол. Затоа што тоа е само еден пример на новинарско видување на нештата. Но, тие пишувале и други вистини. Не е тајна дека и пред тоа и после тоа се говори на странците на печатот и во Европа и во Америка за Македонци и за македонска нација. Но, тоа е само новински напис. Не е правен квалификатив кој е релевантен.
Меѓутоа, ако само за малку се сврти вниманието на друга страна и се погледне во списоците на доселениците кои поминале низ законско правно документирање од американските имиграциони служби на Елис Ајланд, кога влегувале во Америка, тогаш сигурен сум дека ќе видите една друга слика.
Таму лесно ќе видите колку луѓе се декларирале и се запишани како Македонци истата таа 1903 година за која говори професорот. Додека таму, на тие Балкански простори, биле репресирани и не им било дозволено ниту да се изјаснуваат, ниту да пишуваат на македонски, ниту да имаат своја држава, со своето влегување во Америка тие добиле правен легитимитет за својот личен и национален идентитет, што сега и бугарските неофашисти и грчките клерофашисти го негираат и го анулираат. И тажно е да се види нашиот професор, а и многу наши другари, пријатели, луѓе со кои си имал исти идеали, тоа да го подржуваат.
Само во историски контекст и со факти може да разговараме и да водиме дијалог. Со сите и секаде. И се чини дека само така, во даден историски контекст, со длабинско читање на историјата и на фактите, настаните и на состојбите можеме да дојдеме до висината. Сѐ останато е фашистичка ревизија на минатото, која Европа ја претвори од една горд антифашистички простор во себичен, безличен и опустошен пејсаж, во кој владеат корумпирани властодршци, апологети на неофашизмот.