Маас: Трката кој прв ќе го отвори туризмот е многу опасна

Тој го наведе како пример австриското скијачко одморалиште Ишгл, каде се верува дека многу германски државјани се заразиле.

886

Европа треба да постигне консензус и да се согласи за заедничкиот механизам за „рестартирање“ на меѓународните патувања. Доколку земјите започнат да се натпреваруваат една со друга која прво ќе ја отвори својата туристичка индустрија, ќе се појават многу неприфатливи ризици.

Ова го изјави германскиот министер за надворешни работи, Хајко Маас, за „Bild am Sonntag“, а пренесува „The Telegram“.






Тој го наведе како пример австриското скијачко одморалиште Ишгл, каде се верува дека многу германски државјани се заразиле.

– Веќе видовме каква штета може да нанесе еден „кластер“ од заразени во одредено одморалиште. Ова не треба да се повтори“, рече Маас. Тој потсети дека стотици туристи од многу земји, вклучително и Германија, Норвешка и Исланд, можеби се заразиле во Ишгл.

Локалните власти во австриското одморалиште во близина на границите на Австрија, Швајцарија и Италија беа критикувани поради тоа што не реагирале доволно брзо на заканата од ширење на коронавирусот.

Градот беше ставен во карантин на 13 март, но експертите велат дека епидемијата се ширела во хотелите, баровите и рестораните барем еден месец претходно.

Пред неколку дена, Австрија ги укина повеќето ограничувања во Ишгл, како и во некои други алпски одморалишта. Земјата се подготвува за постепено закрепнување на својата туристичка индустрија, првично дозволувајќи им пристап на германските туристи, но без целосно да ги отворат своите граници.

Сепак, Хајко Маас смета дека европските лидери треба да се договорат за заедничка рамка за враќање на слободата на движење во рамките на Европската унија „што е можно побрзо, но во исто време и доволно одговорно“.

– Не смееме да дозволиме успешните победи во последните неколку недели да бидат уништени – рече германскиот министер за надворешни работи. Според него, доколку се случи тоа, патните ограничувања ќе траат уште многу подолг период.

Во меѓувреме, германското здружение за туризам „DRV“ соопшти дека 60% од туристичките агенции и тур-оператори во земјата во моментов се изложени на ризик од банкрот.

Според истражувањето спроведено од членовите на организацијата, една од пет компании веќе отпуштиле дел од своите вработени, а 80% од компаниите аплицирале за финансиска помош од државата.

Поврзани содржини