Скандалозна е одлуката за пуштање на веќе осудениот од случајот „Рекет“, Зоран Милески Кичеец и тоа пред почетокот на најдолгиот полициски час во најголемата криза со ковид-19, реагира Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМЕ.
– Очигледно го чекале правиот момент за да го ослободат осудениот Кичеец. Сега тој е на слобода и како и сите останати што избегаа, односно може да избега кога сака надвор од границите на нашата земја. Останува уште да се ослободат Катица Јанева од домашен притвор на слобода и Бојан Јовановски алијас Боки 13 да биде пуштен од затвор во домашен притвор и Зоран Заев да биде сигурен потоа дека си го купил мирот за некое време – вели Арсовски.
Тој прашува дали со ослободувањето на Зоран Милески, кој е осуден на неколкугодишна казна затвор за случајот „Рекет“, Зоран Заев сака да ги прикрие трагите кои водат директно до него.
– Дали со ова Заев сака да не се шири повеќе истрагата и си купува мир, за возврат Милески да молчи и да не ја говори вистината онаква каква што е? Со што биле уценети Заев и Русковска за да го ослободат Зоран Милески од домашен притвор? Што може да проговори уште повеќе Зоран Милески, имајќи предвид дека во неговиот исказ директно алудираше на тоа дека Зоран Заев го известил Бојан Јовановски, Боки 13 дека се пријавени во Влада и индиректно го нотираше Зоран Заев за соучесник – прашува Арсовски.
Тој порача дека правдата за случајот „Рекет“ ќе дојде многу брзо по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт и дека сите инволвирани ќе одговараат.