Филипче: Започнуваме со серолошко тестирање на сите лица во старечките домови
Имајќи предвид дека домовите за стари лица се најзагрозени од заразата, оти тие лица се често неподвижни и имаат хронични болести, веќе од следната недела ќе ги тестираме сите лица кои се сместени во старечките домови низ државата - рече Филипче.
Хигиеничарката во Домот за геријатрија во Ѓорче Петров е позитивна на коронавирусот, направени се епидемиолошки анкети, па дел од нејзините колеги и колешки се ставени во самоизолација, рече министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција, додавајќи дека веќе од следната недела ќе се прави серолошко тестирање на сите лица во старечките домови.
– Во Домот за геријатрија во Ѓорче Петров има заразена вработена, жената е хигиеничарка во таа установа, а нејзиниот тест за коронавирусот е позитивен. Направена е анкета во однос на контактите со вработените, па дел од колегите и колешките се ставени во самоизолација. Имајќи предвид дека домовите за стари лица се најзагрозени од заразата, оти тие лица се често неподвижни и имаат хронични болести, веќе од следната недела ќе ги тестираме сите лица кои се сместени во старечките домови низ државата – рече Филипче.
За состојбата во Куманово, министерот рече дека повторно разговарал со директорката на кумановската болница и дека се договориле пациентите оттаму да се префрлат во Инфективната клиника во Скопје.
– Инфективното одделение во Куманово ќе функционира на тој начин што таму ќе се прави тријажа и проценка на здравствената состојба на пациентите – рече Филипче.
Тој додаде дека во земјава досега се направени вкупно 10.859 тестирања за коронавирусот и со таа бројка, потенцираше Филипче, нашата земја се наоѓа на второто место во регионот во однос на направените тестови.
– Следната недела ќе бидат ставени во функција уште две лаборатории во МАНУ и во Институтот за судска медицина и на тој начин ќе се скрати времето за чекање – заклучи Филипче.