Следи обнова на економијата, но кога ќе почне?

Производствените компании, може да бидат стожер на планот за ревитализација, и во таа насока треба да бидат насочени економските политики, смета Благица Петрески од институтот „Фајнанс тинк“.

650

Економијата секако ќе доживее рецесија поради здравствената криза. Прогнозите на меѓународните финансиски институции и домашните експерти се движат од најоптимистички на Светска Банка од – 0,4 отсто до најпесимистичките на Меѓународниот монетарен фонд од – 4 отсто за 2020 година. Проекциите за падот кај домашните екперти се движат некаде помеѓу најоптимистичките и најнегативните од -3,5 до -3,8 отсто со очекување дека вториот квартал ќе биде најлош. Претпоставки се дека економската консолидација ќе почне од третиот квартал, доколку тоа го дозволи ширењето на коронавирусот и се разбира ќе зависи од владините мерки.

Од кризата веќе се погодени домашните компании и странските инвестиции, но и граѓаните. Засега банкарскиот сектор е стабилен, и тоа е добро, сметаат експертите и владата.






Владата донесе два пакета мерки за задржување на ликвидноста и најави трет кој ќе треба да му помогне на стопанството да почне да се обновува. За почетокот на мај се очекуваат првите полабави мерки во борбата со коронавирусот, а тоа ќе значи и почеток на раздвижувањето на економијата и потреба од мерките за обнова.

И лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, викендов предложи да се размислува за тоа што со стопанството по јули. Тој побара прецизна и робусна акција во насока на поддршка за одржување во живот на стопанството, но при тоа не наведе како тоа треба да се направи.

Дека план за обнова на економијата треба да се донесе навреме смета и Благица Петрески, извршна директорка на „Фајнанс тинк“.

– Навремениот план ќе овозможи простор за навремено креирани политики, поголема извесност на економските агенти и обезбедување финансиски средства за реализација на плановите, а сето тоа ќе ги ублажи негативните последици од корона-кризата. Навремен одговор значи донесување план денес, за реакција веднаш по релаксирање на рестриктивните мерки, без разлика дали тоа ќе биде скоро или по 3-4 месеци – вели Петрески во својот последен став околу ова прашање.

Според неа, производствените компании, може да бидат стожер на планот за ревитализација, и во таа насока треба да бидат насочени економските политики.

– Потребно е прилагодување на производствените капацитети и производство на комплементарни производи согласно моменталните и потребите за следната година. За ова, потребно е да се мапираат моменталното производство и капацитети, и да се понуди план и евентуална финансиска поддршка за адаптација. Позитивен пример за ваква адаптација се текстилните компании од Прилеп кои започнаа да шијат медицински маски – вели Петрески.

Според неа, треба да се искористат и функционалните предности од одредени сектори и дејности.

– Секторите кои се функционални, а чија побарувачка ќе биде во раст, да се поттикнат и насочат кон поголемо производство. На тој начин, се создава потенцијал да ја апсорбираат работната сила од секторите со намалено или без производство. Во оваа група е секторот земјоделие, и дејностите од преработувачкиот сектор кои се однесуваат на производство на храна и пијалоци – додава таа.

Овој период треба да се искористи и за јакнење на регионалната позиција кај странските инвеститори.

– Дел од странските инвеститори со лоцирани капацитети во повеќе земји или региони, очекувано е да преземаат стратегии за зголемување на ефикасноста и локализирање на производството. Оттука, треба да се размислува за форми кои не само што ќе ги задржат постојните мултинационални компании во земјата, туку и ќе ја зајакнат регионалната позиционираност. Тоа би значело да се идентификуваат и привлечат потенцијални инвестиции кои мајките-компании планираат да ги инвестираат во постојните компании во регионот. И второ, многу позначајно, да се мапираат веќе постоечките капацитети на странски инвестиции во земјата, кои имаат капацитет да го адаптираат своето производство и да преземат производство на компоненти или производи кои матичната компанија ги произведувала на друга локација – вели таа.

Значајно, според неа, е да се ублажуват и негативните последици врз пазарот на труд.

– Пазарот на труд имаше значаен напредок во изминатите години, но моменталниот шок може да го врати неколку години назад. Со цел да се намалат овие загуби, политиките мора да бидат насочени кон задржување на работните места, но и заштита на неформалните работници. Дел од решенијата може да се преку редефинирање на договорите за вработување, типологијата на работните места, „позајмување“ на работната сила помеѓу сектори, привлекување и задржување висококвалификувана работна сила која поради глобалната состојба ќе се врати во земјата – вели Петрески.

 

Поврзани содржини