Дајте економски Прибе!
Сегашната пандемична состојба е огромен, можеби најголем предизвик за оваа држава во последниве триесет години. Она со имиња, презимиња, идентитети… се покажува како играчка за мали деца.
Државите, барем современите, не се „дизајнирани“ да го делат населението на губитници и добитници. Барем теоретски. Иако праксата најчесто ја демантира теоријата, ама сепак. Впрочем, (повторно) како што вели Харари: „(…) огромните системи воведени пред повеќе од еден век за зајакнување на нацијата, всушност, треба да им служат на среќата и благосостојбата на граѓаните како поединци“ односно дека „ние не сме тука да ѝ служиме на државата, туку државата е тука да ни служи нам“.[1] Оттука, во таква современа држава не може/не смее да има губитници и добитници. Зашто, според кои стандарди, или критериуми, државата би ја правела таа „поделба“? Врз основа на изгледот, образованието, материјалната состојба… крвната група можеби… како? Впрочем, историјата видела такви поделби. А и ние, до неодамна. И следствено: колкумина од нас (повторно) би отпаднале од списокот на добитници? Не знаеме, и затоа таа теза не држи, особено во вакви времиња. Или, денес добитници би биле оние кои можат да си дозволат заштитни маски и ракавици, целосна изолација, соодветен превентивен здравствен третман… што? А сите други би биле – губитници, да не речам осудени на неизвесно преживување, на секакви тортури од „добитниците“, на Ковид-19?
Каква држава сме ние? Современа или… некаква друга? Знаеме сите какви сме односно каква ни е државата, ама тоа не значи дека не треба/не мора да биде подобра. Затоа и мерките што ги презема мора да бидат во насоката на општата благосостојба, а не на благосостојбата на поединци и групи. Ама, зошто никој не пишува за тоа? Поважни ли се сите други безначајни лично-партиски теми, глорификацијата на постапките на власта или опозицијата, аплаузи за партиските „ведети“ – кои и да сè – или теми односно дилеми кои нè засегаат сите?
Сегашната пандемична состојба е огромен, можеби најголем предизвик за оваа држава во последниве триесет години. Она со имиња, презимиња, идентитети… се покажува како играчка за мали деца. Вирусот не препознава етникум или идентитет, ниту пак ќе нè одминеше ако бевме со старото име. Прашање е дали ние сме дораснати на вакви состојби, иако генерално поединци добро се справуваат со ситуацијата. Ама, велам – поединци, а не системот! Зашто ние тешко и да имаме (функционален) систем, систем којшто се справува со нештата, дури и најлесните, а камоли најтешките, без оглед кој е на негово чело. Кај нас сè зависи од поединецот и неговите капацитети, што е катастрофално. Некој тоа може да го помеша – и го меша, дефинитивно – со тезата за важноста на граѓанинот, поединецот во системот. Ама овде не станува збор за тоа, за генералното значење на секој поединец во државниот ланец, туку за капацитетноста/компетентноста на конкретен партиски поединец на (високо) раководно место! И затоа ние всушност говориме за потенцијални победници и губитници, зашто немаме протоколи, или алгоритми (како што милува д-р Филипче), немаме стандарди и критериуми за квалитет. И затоа кај нас сè што не е на страната на високо позиционираниот „раководител“, без оглед на неговата (не)способност, е губитник. Држава без систем – не е држава!
Но, и држава без економија не е држава, и во тоа се согласуваат сите умни луѓе, иако од различна провениенција и професија. Во светлината на нашите сегашни дилеми за државните мерки, мора да се почитува ставот дека ако застане економијата, застанува и државата. Дефинитивно, неизоставно. Само економските движења/процеси, само економскиот раст ја држи државата „во игра“. Што е уште полошо, велат дека економијата едноставно не може тукутака да се примири, да паузира и да чека подобри времиња да се рестатира. Не, нејзиниот застој најчесто значи и крај: таа ќе пукне како балон па вие одете после и составете го! Посебно современите економии базирани првенствено на стимулираната потрошувачка. Но кај нас и во оваа област, како и во секоја друга, стручњаците – иако можете фактички на прсти да ги изброите – или слепо се држат до партиските ставови или се караат со крајно спротивставени тези. Оттука, кои и какви се изборите на власта во одредувањето на сетовите мерки што мораат првенствено да бидат економски ориентирани, но и да водат грижа за граѓанинот и неговите потреби? Простата логика е речиси секогаш функционална, ама не и во овие насоки. Зашто, на пример, еве удоволете ги сите барања на реалниот сектор, оние илјадници микро, мали и средни бизниси, па и на големите, ама каде тие ќе ги пласираат нивните производи и услуги во вакви услови? Кој ќе купува, кој ќе троши, и со што (ако ги сведете платите на минималец)? Ќе извезуваат? Како да не, а каде? И кој во вакви услови ќе купи, на пример, земјоделски производи од контаминирано подрачје?
Се разбира, се мешам во работи за коишто генерално не сум стручен, ама кој во оваа држава е? Може да го/ги видиме, на купче, со единствени мерки? Ако Стопанската комора учествува во економскиот тим на Владата и нејзините мерки, зошто апостериори не се согласува со нив? Не се согласува со себеси или е надгласана? И тоа треба јасно да се каже, ама треба да се каже и дека Владата мора да мисли пошироко. Иако, повторно, тоа пошироко ќе го нема ако колабира економијата! Конечно, зошто Владата не побара стручна помош од надвор, од реномирани економисти од поголеми и економски помоќни држави? Ако еден Прибе можеше за неколку дена да ни ја нацрта сликата на заробена држава која на сите ни беше пред нос ама не умеевме да ја дефинираме, зошто и во овој случај не би побарале помош од некој економски Прибе? Или, не може човек да не праша: а што, да простите, прави онаа МАНУ? Па нели имавме таму некакви „врвни“ професори-економисти, имавме стратегии, имавме… што? Има(в)ме ништо, нула!
Извор: Теодосиевски уметност