Заразен лекар од „Плодност“, болницата ќе биде затворена до 13 април (ВИДЕО)

838

Директорот на битолската болница „Плодност“, прим. д-р Таше Трпчевски, денеска со видео обраќање до јавноста потврди дека нивен лекар е заразен со вирусот ковид-19.

– Како што веќе знаете, еден од нашите доктори е носител на корона вирусот и за таа цел е ова обраќање до медиумите, за да не се продолжува со шпекулации и ширење невистини. Д-р Христијан Трчевски во изминатиот подолг период не го напуштил градот, по што следува заклучок дека го добил вирусот од некој пациент, иако, болницата од првиот ден на алармирањето за корона вирусот, ја зголеми хигиенската постапка. Неговата совесност и како родител и како доктор, го натера да направи дури два теста. Од првиот беше негативен, а по неколку дена позитивен на ковид 19. Тој е во одлична здравствена состојба. Веднаш, како што носи редот, ги известивме сите надлежни институции, а најбиските на д-р Христијан се во самоизолација. Тоа се случува и со голем дел од персоналот – вели Трпчевски.






По увидот на терен и по сите процедури, болницата има дозвола да продолжи со работа. Таму имаат и втор, резервен тим на доктори и медицински сестри, кои веднаш би можеле да ја заменат првата постава на медицинските лица.

– Но сепак, во името на разумот, на одговорноста која ја носиме и пред сѐ, поради здравјето на сите нас, нашите вработени, нашите пациенти, одлучивме болницата да биде затворена и воопшто да не работи до 13 април. Дотогаш, сите во самоизолација ќе поминат период од 15 дека, а во болницата ќе биде направено ново дезинфицирање. Ова е само уште една потврда дека докторите, кои се во служба на своите пациенти, во овој период се едни од најизложените на корона вирусот – вели Трпчевски.

Тој им посака на граѓаните добро здравје, да останат безбедни во своите домови, а болницата, заедно со медицинскиот персонал, по извесен период, повторно ќе биде во функција на нивните пациенти.

Поврзани содржини