Од денеска Њујорк тестира нови лекови и крвна плазма од излечени лица за болните од коронавирусот!
Државата Њујорк набави 70.000 дози xидроксихлороин, 10.000 азитромицин односно „zithromax“ од „Фајзер“ и 750.000 дози хлороквин, уште еден антималарик и амебицид. Ќе се тестира и третман со плазма од здраво лице кое еднаш било инфицирано од вирусот и инјектирање на антителата создадени од неговиот имунитетен систем во лице кое е болно.
Дали денеска, вторник 24 март, во САД ќе почне експериментално лекување на пациенти заболени од коронавирус со комбинацијата од лековите азитромицин, xидроксихлороин и хлороквин, како што вети гувернерот Ендру Куомо во неделата на 22 март?
Моќната Агенција за храна и лекови (Food and Drug Administration) го одобри тестирањето со овие недокажани третмани врз база на „сочувствителна нега“ за најболните пациенти во државата, јавија американските медиуми.
Еден од овие третмани вклучува и земање плазма од здраво лице кое еднаш било инфицирано од вирусот и инјектирање на антителата создадени од неговиот имунитетен систем во лице кое е болно, објаснуваат медиумите, додавајќи дека Њујорк ќе биде прва држава во светот која експериментира со ваков третман.
Што се однесува до спомнатата комбинација на лекови, веќе се набавени се 70.000 дози xидроксихлороин (hydroxychloroquine), 10.000 азитромицин односно „zithromax“ од американскиот производител „Фајзер“ и 750.000 дози хлороквин (chloroquine), уште еден антималарик и амебицид.
Најавувајќи го пробното лекување во државата Њујорк, каде што има повеќе од 20.000 заболени пациенти, гувернерот Куомо на 22 март изјави:
– Претседателот Трамп е оптимист, јас сум оптимист и сите сме оптимисти дека ова може да дејствува. Зборував со голем број здравствени службеници и тие велат дека има добра основа да се верува дека ова може да врши работа.
Во неговата вчерашна изјава, гувернерот Куомо, освен за третманот со крвна плазма, зборува само за комбинацијата од лековите xидроксихлороин и азитромицин, која, како што пишуваше Плусинфо, е успешно тестирана од страна на француски и белгиски истражувачи во првата половина на март на мал примерок заболени од коронавирус. Но, покрај надежните резултати, истовремено се предупредува и на опасните нуспојави од оваа комбинација на лекови.
Интересно е да се каже и тоа дека лекот азитромицин, познатиот „сумамед“, е откритие на тим на истражувачи на компанијата „Плива“ уште во поранешна Југославија. Габријела Кобехел, Горјана Радобоња – Лазаревски, Зринка Тамбурашев и проф. Д-р Слободан Ѓокиќ го откриле лекот уште во далечната 1980 година. Во 1986 година, „Плива“ и американската компанија „Фајзер“ потпишале документ за лиценца, со која „Фајзер“ станува ексклузивен производител на овој лек во Западна Европа и во САД под името „zithromax“.
Плусинфо пишуваше дека лекот хидроксихлороин веќе бил продаван во Македонија, од страна на една наша веледрогерија, под имињата „плаквенил“ од француско производство и „резохин“ од германско производство. Инаку, фармацевтската компанија „Бајер“, која го произведува лекот „резохин“, веќе најави донација од 3 милиони таблети за САД за лекување на коронавирусот, Според наши непотврдени сознанија, македонските здравствени власти прават напори за набавка на овој лек токму од овој производител. Од друга страна, компанијата „Санофи Франс“ најави спремност за производство на големи количества од лекот „Плакенвил“.
На вчерашната прес-конференција министерот Венко Филипче потврди дека македонските здравствени власти подготвуваат протокол за лекување со комбинација од лекови, во која е лекот „сумамед“, но не прецизираше кои се другите лекови во комбинацијата и дали се од групата антималарици, како што неофицијално се најавуваше во претходните денови.
Светската здравствена организација предупреди дека е опасно да се експериментиора со непотврдени лекови, но во случајов станува збор за лекови кои веќе се одобрени и познати ширум светот. И покрај првите надежни тестирања на комбинацијата, голема непознаница е како таа ќе дејствува при помасовна употреба за лечење на пациенти заразени од коронавирусот.
Но, ако претседателот на САД Доналд Трамп и гувернерот Куомо останат на ветувањето од 22 март, примената на овие лекови во државата Њујорк ќе почне уште денеска, како и третманот со крвна плазма од оздравени пациенти. А тоа значи дека информации за првите искуства ќе имаме многу скоро.
Со повеќе од 20.000 заболени се чини дека Њујорк и нема голем избор – тоа ќе биде првата експериментална лабораторија во светот за масовно тестирање нови лекови и третмани.