Димитриевски: Ќе побарам да се зголеми времетраењето на полицискиот час во Куманово
Бараме од Владата да воведе посебен режим за Општина Куманово, односно да се зголеми времетраењето на полицискиот час, од 18 до 6 часот, рече Димитриевски.
Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски рече дека по препорака на Општинскиот кризен штаб ќе побара од Владата полицискиот час во Куманово да трае подолго од тој што е воведен на територија на целата држава.
– Бараме од Владата да воведе посебен режим за Општина Куманово, односно да се зголеми времетраењето на полицискиот час, од 18 до 6 часот. Ќе побараме да се постават контролни пунктови на територијата на градот и да имаме контролиран влез и излез, а на пунктовите да се врши дополнителна дезинфекција. Од Централниот државен штаб бараме постојана координација и навремено споделување на сите информации во однос на сите настанати состојби на територија на Општина Куманово, за да може дополнително како Општински штаб да координираме со активностите – рече Димитриевски на денешната прес-конференција.
Тој изрази сочувство до семејството на починатата кумановка, која е прв смртен случај од Ковид-19 во земјава, а исто така им посака брзо закрепнување на останатите две лица од овој град кои се заразени од опасниот вирус.