Eкипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје започнаа акција за миење и дезинфекција на улиците во внатрешноста на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.
Во спроведувањето на акцијата се ангажирани триесет работници што со помош на две автоцистерни и едно специјално комунално возило надградено со резервоар во којшто се наоѓа посебно средство за дезинфекција, вршат рачно миење и дезинфекција на целокупниот простор. Во рамките на акцијата се спроведува миење и дезинфекција на сите садови за одлагање комунален отпад што се поставени во клиничкиот комплекс.
– Градот Скопје и ЈП Комунална хигиена-Скопје ја спроведуваат денешната акција во пресрет на последните случувања поврзани со ширењето на вирусот Ковид-19, со цел хигиената и чистотата на просторот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ да се подигне на највисокото можно ниво, со што значително ќе се придонесе за превенција од ширење заразни заболувања – изјави директорот на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Абдусамед Шабани.