912 ПАКУВАЊА СО ТОКСИН ВЕЌЕ СЕ ПРОДАДЕНИ Родители, веднаш вратете го овој бебешки производ, предупредува АХВ

Станува збор за APTAMIL AR 2 – 912 пакувања веќе биле продадени, родителите повикани на итна претпазливост.

784

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведе вонредна инспекциска контрола кај увозник на бебешка формула откако доби официјално предупредување од Европската Унија за небезбеден производ кој веќе бил пласиран на македонскиот пазар.

Станува збор за бебешката формула APTAMIL AR 2 (ENG 24×400 g), серија 2027.01.02, во количина од 912 пакувања, со потекло од Ирска, кај која е утврдено присуство на опасниот токсин цереулид. Како извор на контаминацијата е посочено маслото ARA, информираат од АХВ.






Од Агенцијата велат дека при контролата било утврдено дека целата количина веќе е дистрибуирана на пазарот, односно производот не бил пронајден во магацините на увозникот.

„Операторот со храна веднаш ја информираше Агенцијата и јавноста, а во тек е итно повлекување на производот од продажба. Наш приоритет е заштитата на здравјето на најмладите“, соопштија од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Од АХВ апелираат до сите родители кои го имаат купено овој производ да не го користат и веднаш да го вратат на местото каде што е купен.

„Ги повикуваме потрошувачите внимателно да ја проверат серијата и рокот на употреба. Доколку се работи за наведената серија, производот не смее да се употребува“, нагласуваат од АХВ.

Во однос на информациите за повлекување на повеќе брендови бебешки формули од компанијата „Нестле“ во други европски земји, од Агенцијата информираат дека се вршат проверки дали тие производи се увезени и кај нас, иако засега нема официјално предупредување преку европскиот систем за брзо известување.

„Ја следиме состојбата постојано и доколку се појави ризик, ќе реагираме веднаш со соодветни мерки за заштита на здравјето на бебињата“, порачуваат од АХВ.

„НЕСТЛЕ“ ИМА ТОКСИЧЕН ПРОДУКТ НА ПАЗАРОТ Два смртни случаи и заболено бебе поради контаминиран производ

Поврзани содржини