9 ХИРУРЗИ СЕ ОБУЧЕНИ ВО ТУРЦИЈА ЗА ТРАНСПЛАНТАЦИЈА НА ОРГАНИ Органодонорството е чин со кој се дава втора шанса
Одбележувањето на европскиот викенд на органодонорство е на иницијативна на Европската комисија со цел подигнување на јавната свесност за важноста на овој чин кој спасува човечки животи.
Министерот за здравство Азир Алиу и заменик министерот Јовица Андовски, учествуваа на работна средба по повод одбележување европски викенд на органодонорство, во организација на националниот координатор за трансплантација, проф.д-р Билјана Кузмановска и директорите на универзитетските клиники за дигестивна хирургија, д-р Огнен Костовски, на урологија д-р Башким Шабани и на нефрологија д-р Никола Ѓорѓиевски.
– Изминатиот период, седум доктори хирурзи и специјалист-нефролог беа на обука во Република Турција за трансплантација на бубрези. Во сегментот на трансплантација на црн дроб, двајца хирурзи се едуцирани во Турција за трансплантација од жив донор. Само од почетокот на годинава досега, тимовите за трансплантација кои работат исклучително посветено и пожртвувано, извршија трансплантација на бубрези кај шест пациенти од починат донор, две трансплантации на црн дроб од починат донор, како и експлантации на коски и лигаменти – истакна министерот Алиу.
Одбележувањето на европскиот викенд на органодонорство е на иницијативна на Европската комисија со цел подигнување на јавната свесност за важноста на овој чин кој спасува човечки животи.
Проф. д-р Кузмановска упати искрена благодарност до сите дарители и нивните семејства, кои дури и во моменти на најголема болка, донеле храбра одлука да подарат живот.
– Органодонорството претставува еден од највисоките изрази на човечка добрина — чин со кој се спасуваат животи и се дава втора шанса – истакна проф. д-р Кузмановска.
Директорот на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија, д-р Огнен Костовски информираше дека клиниката има направено голем исчекор во трансплантациите на црн дроб, кои се едни од најсложените трансплантации и претставуваат голем предизвик за медицинските тимови.
Д-р Башким Шабани, директор на Клиниката за урологија се осврна на унапредување на новиот Центар за трансплантација, кој е целосно реновиран, како и на континуираното зголемување на бројот на тимовите кои ја вршат трансплантацијата.
Директорот на Клиниката за нефрологија, д-р Никола Ѓорѓиевски укажа на важноста на органодонорството, посебно за лицата со бубрежна болест, што претставува најдобар метод за нивно лекување.