800 ПРОЕКТИ ВО ОСУМ ГОДИНИ Димитриевски вети нови градинки, паркови и капитални инвестиции за Куманово
Димитриевски најави нови капитални инвестиции, изградба на три градинки и продолжување на бесплатниот превоз за кумановчани.
Кандидатот за трет градоначалнички мандат и актуелен градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, порача дека ќе продолжи да работи во интерес на граѓаните, истакнувајќи дека општината денес е финансиски најстабилна во државата.
– За осум години реализиравме над 800 проекти, а Куманово од трета најзадолжена општина, денеска е финансиски најстабилна. Ја знам оваа работа и сакам да продолжам да ја работам за доброто на мои кумановчани – изјави Димитриевски во дебата на Македонската радио телевизија.
Тој најави реализација на голем број капитални проекти во централното градско подрачје и приградските населби, меѓу кои нови спортски сали, реконструкција на спортската сала и Соколаната, како и уредување на парковите.
– Во претходниот мандат изградивме 19 спортски игралишта и четири спортски сали. Се работи на историска реконструкција на спортската сала уништувана 40 години, а Куманово денес има можност да аплицира за средства од Владата и да реализира 27 сериозни инфраструктурни проекти – нагласи Димитриевски.
Како приоритет го најави и решавањето на проблемот со недостиг на детски градинки, најавувајќи изградба на три нови објекти со финансиска поддршка од државата.
– Веќе се обезбедени три милиони евра за нова градинка во населбата Гоце Делчев, со капацитет за 800 деца. Следната година ќе аплицираме за градинка во населбата Бајрам Шабани, а во 2027 година и за трета во населбата Карпош – истакна тој.
Во одговор на кандидатот на СДСМ, Мартин Костовски, кој Куманово го нарече „касаба“, Димитриевски порача:
„Куманово ниту бил, ниту ќе биде касаба. Градот заслужува и ќе добие модерен лик. Вие управувавте со општината со децении и токму поради тоа стагнираше.“
Димитриевски најави и продолжување на мерката за бесплатен јавен превоз, кој дневно го користат околу 16.000 граѓани, како и нови паркови, расчистување диви депонии и подобрување на сообраќајните решенија.