8 СЕПТЕМВРИ 1991 ГОДИНА Настан и слики што остануваат вечно во меморијата и во историјата
На 8 септември 1991 година бев на возраст од 29 години и 2 дена. Со огромна младешка енергија и неисцрпна верба дека Македонија може да стане самостојна и суверена држава, го доживеав тој ден како најголем личен и национален триумф. Не мислев на функцијата што ја извршував, туку на иднината што ја градевме заедно. Бевме полни со надеж, со идеали и со жар што не можеше да се сопре.
На денешен ден или кога одвреме-навреме ќе ги погледнам старите фотографии и телевизиски снимки од 8 Септември 1991 година, понекогаш и самиот тешко се препознавам. Поминаа 34 години, а времето си го направи своето, младите лица кои тогаш со жар и ентузијазам стоеја на импровизираната бина на плоштадот „Македонија“ денес сме луѓе со сериозно животно искуство, со белези од борби и надежи наталожени во годините. Лицата се изменети, годините поминале – природен тек на животот.
Но во тие фотографии е втиснато нешто поважно, а тоа е чистата идеја за независност и самостојност и гордоста што ја споделувавме сите заедно. За мене, тие слики не се само спомен. Тие се потсетник дека некогаш бевме обединети, дека верувавме едни во други и дека Македонија беше пред сè и над сè.
На 8 септември 1991 година бев на возраст од 29 години и 2 дена. Со огромна младешка енергија и неисцрпна верба дека Македонија може да стане самостојна и суверена држава, го доживеав тој ден како најголем личен и национален триумф. Не мислев на функцијата што ја извршував, туку на иднината што ја градевме заедно. Бевме полни со надеж, со идеали и со жар што не можеше да се сопре.
Времето нè промени сите нас, но тие моменти ќе останат исти и вечни. Затоа и денес, кога ретко кој може да нè препознае на тие фотографии, јас знам дека вистинската препознатливост не е во лицата, туку во делото. А делото е големо: независна и самостојна Македонија. И тоа е најголемата чест што човек може да ја носи цел живот.
Јас, како тогашен потпретседател на Собранието на Град Скопје, заедно со Претседателот на Собранието Милан Талевски како први луѓе на Град Скопје и како членови на градскиот штаб за спроведување на референдумот имавме задолжение да се грижиме референдумот за независност да се спроведе по сите прописи на територија на Град Скопје. Со срце и одговорност го доживувавме тој ден, со единствена мисла – независноста на нашата држава Македонија.
Утрото на 8 септември ми започна со обиколка на 70-тината гласачки места во петте тогашни скопски општини (Чаир, Гази Баба, Центар, Карпош и Кисела Вода). Со моите колеги и соработници ги обиколувавме гласачките места за да провериме дали се отворени навреме и дали гласањето се одвива мирно и организирано. На избирачките места среќававме луѓе од сите генерации и со различни лица, но со иста искрена желба – да се слушне нивниот глас. Имаше насмевки, честопати и солзи на радост, малку нервоза и многу надеж.
Беше чувство што не се заборава – да гледаш цел еден народ како се обединува околу истата идеја. Излезноста од раните утрински часови беше голема. Насекаде имаше долги редици граѓани кои чекаа да дојдат на ред да гласаат. Се сеќавам на еден постар господин што ми ја стискаше раката и рече: „Јове, сине мој, денес ја допишуваме историјата!“ и во неговите очи ја гледав целата тежина и убавина на моментот. Секој чекор, секоја насмевка сведочеше дека нешто големо се случува.
Големата излезност во текот на денот ни даваше надеж дека резултатот најверојатно ќе биде позитивен и затоа со Талевски и одговорните од Македонското радио некаде околу 16 часот започнавме да размислуваме и решивме да организираме прослава на плоштадот каде што ќе се прогласат резултатите од референдумот. Набрзина го повикавме одговорниот на КПЗ на Град Скопје Мирко Стефановски и му дадовме задача да намести бина и озвучување на плоштадот. Бината беше поставена околу 21 часот. Тоа беше едноставна бина, во парчиња како повеќе споени маси, една до друга, која одеше во пакет со неколкуте рефлектори што ги поставивме на и зад бината.
Посебно сакам да напоменам дека со секоја помината минута по 20 часот сѐ повеќе народ почна да се собира на плоштадот, иако до тогаш речиси и да немаше никој. До вечерта, до 22 часот, плоштадот „Македонија“ (тогаш го носеше името „Маршал Тито“ – зошто преименувањето дојде подоцна) се преполни со народ. Реки од луѓе доаѓаа од сите страни. Илјадници граѓани се собраа како едно, со насмевки на лицата и гордост во очите.
Пред бината – премногу и во недоглед народ што чекаше некој официјално да ги соопшти резултатите од референдумот и да ја прогласи самостојноста и независноста. Енергијата беше заразна, искрена и топла, како да целиот град стана едно големо семејство. Тоа се моменти кои се паметат цел живот.
Сакам да напоменам дека прославата што вечерта се случи на плоштадот „Македонија“ беше спонтана, искрена и величествена.
Немаше никаков протокол ниту некакво сценарио. По претходна комуникација со кабинетот на претседателот на државата и владата се договоривме тие да дојдат на плоштадот околу 23 часот и тука претседателот на државната комисија за спроведување на референдумот да ги соопшти резултатите. Зборно место беше летната тераса на ресторанот „Метропол“.
Кога веќе бевме присобрани, иако за жал повеќе владини министри и пратеници ги немаше, а го немаше ни претседателот на Собранието на РМ и ниту еден пратеник од Албанците, некаде по 23:30 часот започнавме да се качуваме на бината. Јас заедно со претседателите и министрите од страната на ресторанот „Метропол“, а Талевски со шампањското и чашите од страната на денешно МЕПСО. Инаку шампањот беше македонски „Повардарски бисер“, а чашите од Собрание на Град Скопје. На шишето имаше специјална налепница на која пишуваше „Трет Илинден“, која Талевски ја имаше подготвено порано. Меѓутоа и премиерот Кљусев од ресторанот „Метропол“ земал шампањ „Фрушкогорски бисер“, оти тоа се нашло во тој момент во ресторанот, па така на бината се најдоа две шишиња.

Веселбата се чувствуваше во секој дел од градот, во секој дом, кафеана и улица. По прогласувањето на самостојноста, целото градско раководство продолжи да слави во кафулето „Тифани“, каде што останавме до рани зори. Таа енергија, ентузијазам и чувството на заедништво беше нешто што никогаш нема да се заборави. Сликите од тој ден останаа да сведочат.
Денес, кога ги гледам фотографиите и снимките од тој ден, знам дека ретко кој може да препознае кој е кој на нив. Лицата се изменети, годините поминале. Јас, Јове Кекеновски (тогаш млад и со зелено палто, денес во подминати години со обелена коса и брада), и денес сум таму на плоштадот, на бината, во звукот на чекорите по калдрмата, во трепетот на тапите, во смеењето на децата, во шепотите и гушкањето на луѓето, во секој здив, во секој аплауз, во секоја чаша шампањ со која ја прославивме слободна и независна Македонија. Се чувствувам како и денес да стојам таму, а тоа чувство, таа чест, никогаш не заминува.
Нека ни е вечна самостојноста и независноста!
08.09.2025 година
Пишува Проф. д-р ЈОВЕ КЕКЕНОВСКИ