„8 АМЕРИКАНСКИ БРОДОВИ СО 1.200 РАКЕТИ И ПОДМОРНИЦА КРВАВО Ѝ СЕ ЗАКАНУВААТ НА ВЕНЕЦУЕЛА“ Мадуро ќе распореди 4,5 милиони милицајци
Венецуела се соочува со најголемата закана што нашиот континент ја видел во изминатите 100 години и соочени со максимален воен притисок, ние прогласивме максимална подготвеност да се браниме рече претседателот на Венецуела, Николас Мадуро.
Распоредувањето на американска војска на Карибите е закана по Венецуела, рече денеска претседателот на Венецуела, Николас Мадуро.
– Венецуела се соочува со најголемата закана, што нашиот континент ја видел во изминатите 100 години – 8 бродови со 1.200 ракети и подморница се насочени кон Венецуела. Тоа е неоправдана, неморална, апсолутно криминална и крвава закана – посочи Мадуро.
Тој стравува од десант на американски војници, со цел да ја сменат власта во Венецуела, иако САД не се заканија со инвазија врз Венецуела. САД распоредија војска на Карибите, како дел од борбата против меѓународната трговија со дрога.
Вашингтон го обвинува Мадуро дека предводи мрежа за трговија со дрога, таканаречениот Сончев картел, кој е означен како терористичка организација од американската администрација. Вашингтон неодамна ја зголеми наградата за апсење на Мадуро на 50 милиони долари.
Мадуро истакна дека активирал „специјален план за распоредување на повеќе од 4,5 милиони членови на милицијата“. Тој додаде дека распоредил морнарица и беспилотни летала за надзор на територијалните води на Венецуела.
Според официјални извори, милицијата, основана од покојниот претседател Уго Чавез, се состои од околу пет милиони цивили и резервисти и е под команда на војската.
– Тие сакаа да се движат кон она што го нарекуваат максимален притисок, во овој случај воен. И соочени со максимален воен притисок, ние прогласивме максимална подготвеност да ја браниме Венецуела – посочи Мадуро, додавајќи оти Каракас никогаш нема да попушти на уцени или закани од каков било вид.