76 години по падот на Третиот Рајх
Во Втората светска војна учествуваа 61 земја, со вкупно 2,1 милјарда жители или 96 отсто од светското население.Во неа загинаа повеќе од 50.000.000 луѓе.
Светот денеска го одбележува Денот на победата над фашизмот. На 9 мај 1945 година со потпишувањето на безусловна капитулација на нацистичка Германија, официјално беше ставен крај на Втората светска војна во која учествуваа 61 земја, со вкупно 2,1 милјарда жители или 96 отсто од светското население и која однесе повеќе од 50.000.000 животи.
Безусловната капитулација на Третиот Рајх е потпишана во разурнатиот Берлин, само неколку минути по полноќ, на 9 мај. Капитулацијата во име на Врховната германска команда ја потпишаа фелдмаршалот Вилхелм Кајтел, генералот Ханс Јирген Штумпф и адмиралот Ханс Георг фон Фридебург. Од страна на сојузниците договорот го потпишаа рускиот маршал Георги Жуков и британскиот генерал Артур Тедер.
Од над 50.000,000 жртви, 20.000.000 беа од тогашниот Советски сојуз, а повеќе од 30.000.000 беа цивили. Во нацистичките логори беа убиени околу 12,5 милиони луѓе, од нив 6.000.000 Евреи. Материјалната штета од Втората светска војна само во Европа беше проценета на околу 260 милијарди американски долари.
На Далечниот исток, војната заврши дури на 2 септември 1945 година, кога Јапонија капитулираше по бомбардирањето Хирошима и Нагасаки со дотогаш непознатото оружје, атомската бомба.
Македонија за време на Втората светска војна беше на страната на антифашистичката коалиција. Во борбите против фашистичките окупатори, според проценките на историчарите, во Македонија загинале 33.000 луѓе, вклучучувајќи ги и преку 7.000 македонски Евреи, кои беа депортирани во концентрацискиот логор Треблинка.
Централната манифестација во светот по повод победата над фашизмот традиционално се одржува во Москва на Црвениот плоштад со дефиле на припадници на различни родови на руската армија, како и ветерани од Втората светска војна.
Минатата година поради пандемијата на коронавирусот, беше одржана само воздухопловна парада на авиони и хеликоптери на небото над Москва.
По повод 9 Мај – Денот на победата над фашизмот, Делегација на Собранието на Република Северна Македонија, предводена од потпретседателот Горан Мисовски, во чиј состав ќе бидат и пратеничките Снежана Калеска-Ванчева и Бети Стаменковска-Трајкоска, ќе положи цвеќе на Партизанските гробишта во Бутел.