75 ГОДИНИ КАТЕДРА ЗА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК Дипломирале повеќе од 2.000 студенти

За богатата научна дејност на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици и за историската улога на првите нејзини професори и втемелувачи зборуваа и директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, и д-р Димитар Пандев, професор на Катедрата со излагањето „Нашите први професори“.

776

На 16 декември 1946 година се одржало првото предавање на македонски јазик на високообразовна институција. Предавањето било на македонски, но и за македонскиот јазик, со што се поставени темелите на денешната Катедра за македонски јазик и јужнословенски јазици. Истовремено, тогаш е формиран и Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ кој годинава, исто така, одбележува 75 години постоење.

Катедрата денеска ја одбележа годишнината со пригодна програма „Свечен час – средба на генерации“. Раководителката проф. д-р Искра Пановска-Димковa во поздравното обраќање рече дека Катедрата ја има честа нејзин основач и прв раководител да биде великанот на македонската наука за јазикот Блаже Конески, во чија чест Филолошкиот факултет денес го носи неговото име, а државата годинава слави еден век од неговото раѓање.






Таа истакна дека делото на Конески и неговите современици – професори од Катедрата кои придонеле во развојот на јазикот, ги обврзуваат и натаму да ја развиваат наставно-научната дејност за идните генерации македонисти и им се поттик, како што рече, за уште посмела афирмација на македонскиот јазик на внатрешен, но и на меѓународен план.

Раководителката посочи дека во изминатите седум и пол децении на Катедрата дипломирале повеќе од 2.000 студенти, а најголем дел од нив се наставници по македонски јазик и книжевност во основните и во средните училишта. Македонскиот јазик е една од најважните студиски програми што се изучуваат на Филолошкиот факултет, каде постојано се развиваат нови и современи предметни програми кои се во чекор со развојот на лингвистичката наука во светот.

Нашите дипломирани студенти денес се признати стручњаци во своите области – наставници, професори, лектори, преведувачи, писатели, новинари… Да се студира мајчиниот, македонски јазик, е посебно благородно искуство. Сите го зборуваме, но само со неговото длабинско проучување го запознаваме целото негово богатство на зборови, структури, значења… – рече Пановска-Димковa.

Деканката на Филолошкиот факултет, проф. д-р Анета Дучевска, рече дека Катедрата привлекува нови генерации кои имаат желба да се профилираат во проучувачи на македонскиот јазик, дека била домаќин на многу научни конференции, учесник и партнер во национални и меѓународни проекти, со значајни резултати за својот развој, како и реализатор на специјализирани тестирања и испити за потребите на други институции.

– Една богата и шаренолика континуирана активност и присутност – рече Дучевска, додавајќи дека и Катедрата во своето опстојување имала свои животни циклуси, свои пролет, лето, есен и зима, а дека сега, во 21 век, е на прагот на нов циклус кој, како што рече, ги води до прашањето: Што понатаму? Седумдесет и пет години постоење и активност се доволно долг период за рефлексија на ова прашање, а одговорот ќе има свој израз во наредните 25 години, на стотиот роденден од основањето.

– Го честитам јубилејот со желба за воведување нови, свежи, квалитетно подобрени концепти и пристапи кон работата, за континуирано зајакнување на своите капацитети, како и за поставување високи цели и стандарди што ќе ја направат Катедрата институција со исклучително квалитетни обележја – рече деканката Дучевска.

Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Никола Јанкуловски ја истакна и улогата на оваа катедра за грижата за македонскиот јазик на универзитетите во странство и контактите со речиси сите славистички центри во светот, како и ангажманот за подготовка на странски студенти што сакаат да се запишат на Скопскиот универзитет.

– Меѓународниот подем на македонистиката во светот особено доаѓа до израз со основањето на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во 1967 година, во чие организирање и функционирање Катедрата дава значаен придонес со предавањата на летната школа во Охрид – рече ректорот Јанкуловски.

За богатата научна дејност на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици и за историската улога на првите нејзини професори и втемелувачи зборуваа и директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, и д-р Димитар Пандев, професор на Катедрата со излагањето „Нашите први професори“.

Поврзани содржини