„700 ЛУЃЕ ВО ЛОКАЛ ЗА 200! НЕ ДОЗВОЛУВАМ НОВА ТРАГЕДИЈА“ Јанчев открива зошто бил приведен Аца Лукас, а концертот прекинат
Безбедносни пропусти, непријавен ангажман и речиси четирикратно надминат капацитет биле причините што довеле до прекин на настапот на Аца Лукас и негово приведување, објавија МВР и градоначалникот Јанчев.
Настапот на српската ѕвезда Аца Лукас во Кавадарци бил прекинат поради сериозни безбедносни пропусти, непријавен ангажман и прекршување на правилата за работа на локалот, потврди градоначалникот на општина Кавадарци, Митко Јанчев.
Инцидентот се случил синоќа, нешто по полноќ, кога полицијата заедно со инспекции од повеќе институции влегла во угостителскиот објект каде што настапувал Лукас. Набргу по контролата, пејачот бил приведен во полициската станица.
„Нема да дозволиме Кочани сценарио. Безбедноста е прва!“
Градоначалникот Јанчев објасни дека организаторите однапред поднеле барање до Општина Кавадарци за поставување урбана опрема и проширување на просторот за концерт, но барањето било одбиено поради проценка дека условите се небезбедни.
– Беше побарано од Општина Кавадарци дозвола за поставување опрема за настанот на Аца Лукас. Комисијата утврди дека нема услови за тоа, поради безбедносни причини. На 14.11 барањето беше одбиено, а сопственикот беше писмено и усно информиран – рече Јанчев.
Тој истакна дека локалот има капацитет од 200 гости, а внатре биле затекнати дури 700 лица.
– Не смееме да дозволиме да се повтори трагедија како онаа во Кочани. Локали пренатрупани со гости, без почитување на безбедносните мерки, тоа во Кавадарци нема да помине – додаде тој.
Јанчев напомена и дека ангажманот на самиот изведувач не бил пријавен ниту во Агенцијата за вработување, ниту во Министерството за труд, што претставува дополнителен прекршок.
Лукас настапувал без дозвола, доби казна и прекршочна пријава
Од Министерството за внатрешни работи ја потврдија интервенцијата.
– Констатиравме дека Аца Лукас настапувал без потребната дозвола. За тоа му е изречена парична казна, а поднесена е и прекршочна пријава – соопштија од МВР.
Контролата ја извршиле полициски службеници од Кавадарци, инспектори за странци, пазарен инспекторат, трудов инспекторат и Управа за јавни приходи.
Настапот бил веднаш прекинат, а Лукас бил приведен околу десет минути по полноќ.
ПАРИЧНА КАЗНА И ПРЕКРШОЧНА ЗА АЦА ЛУКАС Полицијата откри детали за случувањата во Кавадарци