70 ДЕНА ПРИМИРЈE ЗА 10 ЗАЛОЖНИЦИ Хамас го прифати, Израел го отфрли предлогот на САД
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху подоцна во снимена порака на социјалните мрежи изјави дека „навистина се надева“ дека ќе може да даде информации за развојот на настаните во врска со борбата на Израел против Хамас и ослободувањето на заложниците, „денес и ако не денес, тогаш ќе го сториме тоа утре“.
Хамас се согласил на предлогот на американскиот специјален пратеник Стив Виткоф за прекин на огнот во Појасот Газа, кој предвидува 70 дена примирје во замена за ослободување на 10 израелски заложници. Планот вклучува и делумно повлекување на израелските сили и ослободување на палестински затвореници, изјавил за Ројтерс палестински извор близок до Хамас.
Според договорот, пет заложници би биле ослободени во првата недела, а уште пет пред истекот на примирјето. Извори блиски на процесот откриваат дека и Израел ја разгледува понудата и дека двете страни ќе одговорат преку посредници.
Предлогот доаѓа во момент на зголемен меѓународен притисок за запирање на судирите и подобрување на тешката хуманитарна состојба во Газа.
Од друга страна, израелски функционер го отфрли предлогот, велејќи дека ниедна одговорна влада не може да прифати таков договор и отфрлајќи го тврдењето дека договорот се совпаѓа со оној што го предложи Виткоф.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху подоцна во снимена порака на социјалните мрежи изјави дека „навистина се надева“ дека ќе може да даде информации за развојот на настаните во врска со борбата на Израел против Хамас и ослободувањето на заложниците, „денес и ако не денес, тогаш ќе го сториме тоа утре“.
Неговата канцеларија не одговори веднаш на барањето за коментар за снимката, јавува Ројтерс.
Израел започна воздушна и копнена војна во Газа по прекуграничниот напад на милитантите предводени од Хамас, во кој според израелските пребројувања загинаа 1.200 луѓе, а 251 заложник беа киднапирани во Газа.
Во конфликтот досега, мај 2025 година, загинаа речиси 54.000 Палестинци, според здравствените власти во Газа, и го опустоши крајбрежниот појас.