7% РАСТ НА ПЛАТИТЕ И 7.000 ДЕНАРИ ПОГОЛЕМИ ПЕНЗИИ Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека резултатите се видливи за сите граѓани

Според партијата, 300.000 пензионери ќе почувствуваат зголемување на примањата, а растот на реалните плати е двојно повисок отколку во времето на СДСМ.

1,078

Економските политики на Владата на ВМРО-ДПМНЕ веќе даваат резултати што ги чувствуваат сите граѓани, соопштија денеска од партијата. Според соопштението, за нешто повеќе од една година власт се постигнати значајни придобивки, особено за пензионерите.

Заклучно со следната пролет, вкупното покачување на пензиите ќе достигне седум илјади денари, а од ВМРО-ДПМНЕ потенцираат дека одлуката за еднакво зголемување важи за сите околу 300.000 пензионери во Македонија.






„Со овие промени се создаваат услови пензионерите да живеат достоинствено, а не да се мачат како да го поминат месецот“, велат од партијата.

Во соопштението се нагласува и дека Владата се грижи за секој граѓанин, што, како што додаваат, го потврдуваат бројките.

„Растот на реалната плата во периодот јули 2024 – јули 2025 изнесува речиси 7 проценти, што е двојно повеќе од растот за време на СДСМ, кога во седумгодишен период платите пораснаа за само 3,5 проценти“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Овие резултати се доказ за добро проектираните економски политики и за јасната разлика меѓу ВМРО-ДПМНЕ, која работи за сите граѓани, и СДСМ, кој мисли само на лични интереси“, стои во соопштението.

Поврзани содржини