7 МИЛИОНИ ЛУЃЕ ГОДИШНО УМИРААТ OД ЗАГАДЕН ВОЗДУХ Нови препораки од СЗО за максималните граници на ПМ честичките
Новите препораки на СЗО се намалување на препорачаната граница за изложеност на мали честички ПМ 2,5 за половина, а на ПМ 10 за 25 отсто.
Загадувањето на воздухот е поопасно отколку што се мислеше досега, предупредува Светската здравствена организација (СЗО), која го намали максималното ниво на загадувачи во воздухот што се смета за безбедно, пренесува Би-би-си.
Се проценува дека 7 милиони луѓе годишно умираат поради болести поврзани со загадувањето на воздухот. Најпогодени се земјите со ниски и средни приходи бидејќи се зависни од фосилни горива за економски да се развиваат.
Според СЗО, загадувањето на воздухот е еднакво штетно за здравјето како и пушењето цигари и нездравата исхрана. Затоа, организацијата бара од своите 194 земји членки да ги намалат емисиите на штетни гасови и да преземат мерки кога станува збор за климатските промени.
Токсичните честички и гасови во воздухот може да им наштетат на луѓето повеќе отколку што се мисли. Меѓутоа, тешко е да се сопре загадувањето со мали честички што може да се вдишат.