600 НЕЛЕГАЛНИ ОБЈЕКТИ И ДОГРАДБИ ЌЕ БИДАТ УРНАТИ ИЛИ ОТСТРАНЕТИ Градоначалникот на Куманово најави неселективен пристап

Сите треба да бидат еднакви пред законот и сите оние вршители на дејност со давање на услуга во градот, коишто имаат узурпирано јавна прометна површина, ќе бидат дислоцирани – рече Максим Димитриевски.

795

Отстранувањето на урбана опрема на угостителски објекти во Куманово чии сопственици добиле извршно решение ќе продолжи неселективно, информираше денеска на прес-конференција кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски. Тој додаде дека во наредниот период ќе следува неселективно уривање на објекти со правосилни и извршни решенија.

– Нема да има селективност сите објекти коишто има уредно извршно решение во следниот период ќе бидат урнати по приоритет. Објекти со кои е узурпирана јавна-прометна површина, тргнувајќи од централното градско подрачје кон надвор, а потоа и сите објекти. Не можеме селективно да го спроведуваме законот. Претпоставувам зборувате за градските кафулиња. Имавме и уште едно решение коешто веројатно не сте го проследиле на локацијата на паркинг просторот зад поранешната банка. Сите треба да бидат еднакви пред законот и сите оние вршители на дејност со давање на услуга во градот коишто имаат узурпирано јавна прометна површина ќе бидат дислоцирани, вклучувајќи ги и овие фамозни кабли коишто ги гледаме како повеќе од 15 години никнуваат низ градот и ги узурпираат јавните прометни површини – изјави Димитриевски.






Тој најави дека ќе предложи до Советот на општината зголемување на средствата за оваа намена, која засега изнесува три милиони денари. Од 1 јануари 2026 година стапуваат на сила и измените на законската регулатива, со која инспекцијата целосно се префрла кај градоначалниците. Тој кажа дека нема да дозволи одговорноста да падне на општинската администрација поради „самоволие на поединци“.

Во општина Куманово има околу 600 евидентирани бесправни или незаконски доградени објекти, од кои значителен дел веќе добиле извршни решенија за уривање.

Поврзани содржини