60 МИЛИОНИ ЕВРА ДОЛЖИ ДРЖАВАТА ЗА СУБВЕНЦИИТЕ НА СТРУЈАТА НА ГРАЃАНИТЕ Не можат да се добројат долговите што ги оставила владата на Ковачевски
Македонија изгуби арбитража со ОКТА во износ од 24 милиони евра кои граѓаните допрва треба да ги платат, дури 80 милиони евра е минусот на ЕСМ, а катастрофална е и состојбата во РЕК Битола, соопшти министерката за енергетика Сања Божиновска.
Шеесет милиони евра е долгот на државата кон ЕВН за неплатена субвенционирана струја на граѓаните, соопшти денеска министерката за енергетика, рударство и минерални суроивини Сања Божиновска, на прес конференција по повод 100 дена Влада.
– Се соочуваме со префрлени обврски од неодговорното однесување на претходниците. Изминатите три години не е платен ниту денар на име субвенционирана струја. Тоа што го гледавме на сметките дека Владата го покрива како трошок за електрична енергија за граѓаните не е платено. Сметката стигна сега – 60 милиони евра е долгот кон ЕВН во однос на ова што го имаме. Како држава изгубивме арбитража со ОКТА во износ од 24 милиони евра кои граѓаните допрва треба да ги платат. Од МЕПСО давани се донации во износ од 23 милиони денари на организации, фитнес клубови, здруженија, а при тоа се уште не е наплатен долгот од 14 милиони евра каде е инволвиран син на функционер на ДУИ. Дури 80 милиони евра е минусот на ЕСМ, а катастрофална е и состојбата во РЕК Битола каде производствената цена на електричната енергија беше 33 евра за мегават час во 2017 година, а сега е 133 евра – рече Божиновска.
Не е изграден ни далекуводот со Албанија, а има 1,5 милиони евра провизија за неповлечени средства. Нема ни А од терминалот за течен природен гас Александрополис освен што земјава платила 2,5 милиони евра за закуп на капацитет.
Божиновска рече дека е почната ревизија на работата на енергетските компании, како и модернизација на инфраструктурата, потпишан е договор со ЕБОР за обнова и зајакнување на електропреносната енергетска мрежа со што ќе може да се приклучат обновливи извори на енергија со инсталирана моќ од околу 1.170 мегавати.
– Одржливата, базната и домашната енергија ќе бидат приоритет на новата Влада. Тоа вклучува изградба на базни енергетски објекти, когенеративни електрани на гас, ветерни и соларни електрани и модернизација на РЕК Битола и усогласување со највисоките еколошки стандарди, како и конечно завршување на гасоводната мрежа. Имаме визија од земја која увезува електрична енергија да станеме земја која произведува доволно струја за сопствените потреби, а понатаму можеби и да извезува. Цел ни е да бидеме лидер во зелената енергија, создавајќи одржлива иднина не само за сегашните, туку и за идните генерации – рече Божиновска.
Тоа, како што посочи, значи изградба на нови извори на обновлива енергија, но не само како приватни инвестиции, туку и како капацитети во сопственост на државата.
– Посебно внимание ќе и посветиме на енергетската ефикасност што вклучува изградба на фотоволтаици на покривите на домовите, градинките, училиштата и другите јавни објекти и поттикнување во компаниите – потенцира Божиновска.