60-ДНЕВЕН ПРЕКИН НА НАПАДИТЕ ВО ГАЗА? Израел го прифати предлогот на САД, Хамас треба да одговори
Новиот предлог на Виткоф предвидува 60-дневен прекин на огнот во Појасот Газа, кој вклучува ослободување на 10 заложници во две групи во рок од една недела, јавија израелските медиуми.
Израел прифатил нов предлог за двомесечен прекин на огнот во Појасот Газа, инициран од американската администрација, со цел ослободување на заложници, враќање на тела и олеснување на хуманитарната катастрофа. Ова го потврди Белата куќа, а деталите се уште се во финална фаза на разговори со сите вклучени страни.
Портпаролката на американскиот претседател Доналд Трамп, Каролин Ливит, синоќа изјави дека разговорите со сите страни се во тек и оти САД се надеваат на прекин на огнот и враќање на сите заложници од Газа.
Таа нагласи дека доколку се постигне договор, Белата куќа ќе го објави, но не даде никакви детали за актуелниот предлог за прекин на огнот.
Палестинската екстремистичка група Хамас вчера потврди дека преку меѓународни посредници добила нов предлог за прекин на огнот, изготвен од специјалниот пратеник на САД, Стив Виткоф.
Во соопштение за медиумите, Хамас наведе дека одговорно го проучува предлогот и оти „секој одговор ќе биде заснован на интересите на палестинскиот народ, со фокус на ублажување на хуманитарното страдање во Појасот Газа и постигнување траен прекин на огнот“.
Новиот предлог на Виткоф предвидува 60-дневен прекин на огнот во Појасот Газа, кој вклучува ослободување на 10 заложници во две групи во рок од една недела, јавија израелските медиуми.
Хамас би морал да ги предаде телата на 18 киднапирани лица кои сè уште се држат во Газа, додека телата на 180 Палестинци исто така би биле вратени.
Израел, исто така, би ослободил 125 Палестинци осудени на доживотен затвор и 1.111 жители на Газа кои биле притворени во израелските затвори од терористичките напади предводени од Хамас на 7 октомври 2023 година.
Двомесечното примирје е наменето да ги олесни преговорите за ставање крај на речиси 20-месечниот конфликт, пренесе ДПА.
Доколку Израел и Хамас успеат да постигнат договор, преостанатите заложници кои се држат во Газа би биле ослободени според најновиот предлог.
Предлогот исто така предвидува дека дистрибуцијата на помош во Појасот Газа повторно ќе биде раководена од Обединетите нации и меѓународните хуманитарни организации.
Израелската армија, според предлогот, треба да се повлече на позициите што ги држеше пред почетокот на последната офанзива во март.
Според израелски извори, најмалку 20 заложници сè уште се живи во Појасот Газа. Судбината на тројца други киднапирани лица е нејасна, додека телата на 35 киднапирани лица се верува дека се држат во крајбрежниот појас.
Во меѓувреме, Израелските одбранбени сили (ИДФ) вчера ги повикаа цивилите во неколку области во северниот дел на Појасот Газа веднаш да се евакуираат, наведувајќи дека таму продолжуваат да дејствуваат „терористичките организации“ и затоа ИДФ ќе ја прошири својата офанзива.
– ИДФ ќе ги прошират своите офанзивни активности во областите каде што сте присутни за да ги уништат капацитетите на терористичките организации – напиша на арапски јазик на Х портпаролот на ИДФ, Авичај Адраи.
Тој рече дека областите сега се сметаат за борбена зона и оти жителите „биле предупредени неколку пати“ и треба да се евакуираат на запад.
Објавата вклучуваше карта со стрелки кои укажуваат на областите на нападот, како и на зоните за преместување.