511 ЛИЦА ЛАНИ ПОЧИНАЛЕ ОД НАСИЛНА СМРТ Најголем дел од нив се мажи
Најголемо учество во вкупниот број случаи на насилна смрт имаат несреќните случаи, кои учествуваат со 78,5 %, самоубиствата со 17,4 % и убиствата со 4,1 %.
Бројот на умрени лица од насилна смрт минатата година е зголемен за 24 проценти во однос на 2023 година. Од вкупно 511 умрени лица, над 68 проценти се мажи, а најчеста причина, во 78,5 проценти од случаите се несреќни случаи, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Во структурата на умрените од насилна смрт според полот, како и во претходните години, и во 2024 година поголемо учество имаат машките лица, и тоа 68,1%, а 31,9% се жени.
Најголемо учество во вкупниот број случаи на насилна смрт имаат несреќните случаи, кои учествуваат со 78,5 %, самоубиствата со 17,4 % и убиствата со 4,1 %.
Во категоријата несреќни случаи, најголемо учество имаат умрените лица од други надворешни причини за случајна повреда со учество од 38,0 % во вкупниот број на случаи од насилна смрт.
Во категоријата самоубиства, најголемо учество имаат случаите кај кои смртта настапила поради бесење, странгулација и суфокација со учество од 8,8 % во вкупниот број случаи од насилна смрт.
Во категоријата убиства, случаите кај кои смртта настапила поради обид за нанесување телесна повреда со истрел од друго и од неозначено огнено оружје имаат најголемо учество со 1,6 % во вкупниот број случаи од насилна смрт.
Умрените од насилна смрт во вкупниот морталитет учествуваат со 2,5 проценти.