500 ЛУЃЕ СО 120 СПОРТСКИ ВОЗИЛА НАПРАВИЈА ХАОС Интервенираше струшката полиција и одзеде автомобили
На паркинг во Струга ноќеска биле затекнати 500 лица и 120 спортски и луксузни автомобили, полицијата одзеде пет возила и најави санкции.
Повеќе од 500 млади лица и околу 120 спортски и луксузни автомобили направиле вистински хаос на паркинг во Струга ноќеска, а полицијата интервенирала откако јавниот ред и мир биле сериозно нарушени.
Како што информира МВР, инцидентот се случил рано утринава (05.08.2025), помеѓу 00:30 и 02:00 часот, кога на терен биле повикани полициски службеници од Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Струга.
На местото на настанот, полицијата затекнала масовно собирање на луѓе со над сто спортски и луксузни автомобили кои, според пријавата, изведувале неконтролирана „изложба“ со бучава и нарушување на јавниот ред.
„Лицата не постапиле по дадените наредби од страна на полициските службеници, по што биле ангажирани дополнителни полициски сили и состојбата е ставена под контрола“, информираат од МВР.
Полицијата, постапувајќи по член 344 од Законот за безбедност на патниот сообраќај, одзела пет возила, а биле констатирани уште осум други прекршоци, кои се во процес на понатамошна обработка.
„По целосно документирање на случајот, ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“, додаваат од полицијата.