500 КАНДИДАТИ СЕ ПРИЈАВИЈА ЗА НОВИТЕ ПРОТИВПОЖАРНИ ТИМОВИ Најдобрите ќе се вработат, а за тешките мисии се предвидени и повисоки плати
Обуките за новите противпожарни тимови почнуваат за неколку дена, а најуспешните ќе добијат шанса за вработување во локалните единици и во Дирекцијата за заштита и спасување. За Специјалната единица што ќе делува на тешко пристапни терени се бараат млади и физички подготвени кандидати за да можат да одговорат на најтешки и на најсложени задачи.
Јавниот повик со кој се бараше да се пријават лица кои ќе учествуваат во превенција, а дел од нив и во справувањето со пожарите, истекува денеска. Пријавените ќе бидат исконтактирани по што ќе треба да поминат дводневна обука во рамки на која ќе биде направена селекција.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, денеска на прес-конференција информираше дека се пријавени помалку од 500 кандидати, а во Скопје околу 50, иако, како што рече, очекувале бројка од 80 лица.
– Во овој момент имаме нешто помалку од 500 пријавени кандидати на територија на државата. Нам ни беа потребни 400. За жал, бројката во Скопје е нешто помала, под 50, а очекувавме 80 лица – рече Ангелов.
Овие лица во следните 2-3 дена ќе бидат повикани во локалните територијални противпожарни единици и ќе започнат со најмалку дводневна обука во чие времетраење ќе се изврши селекција.
– Најдобрите од овие лица понатаму ќе имаат можност да бидат вработени во локалните територијални противпожарни единици или во Дирекцијата за заштита и спасување, а најдобрите во текот на наредниот период во Единицата за рамки на ДЗС – рече Ангелов.
Во Специјалната единица која ќе биде формирана, платите на вработените ќе бидат повисоки во однос на платите на пожарникарите, но овие лица ќе бидат ангажирани на тешко пристапни терени.
– Зборуваме за едница во која сите припадници би биле помлади и физички подготвени на едно сосема друго ниво за да можат да одговорат на најтешки и на најсложени задачи – рече Ангелов на прес-конференцијата на која беа дадени најнови информации околу состојбата со пожарите во земјава.