43 ЛИЦА ОСОМНИЧЕНИ ЗА TEШКА ИЗМАМА СО БРЗИ КРЕДИТИ Лажирале лични податоци преку човек од Фондот за здравство
Дел од осомничените лажирале податоци за вработување на невработени лица, прикажувајќи ги како вработени и кредитоспособни, соопшти Основното јавно обвинителство. Лице во Фондот за здравствено осигурување им обезбедувал средства преку ЕЗБО број кој претходно го обезбедувал преку својот компјутер.
Вкупно 43 лица се осомничени дека учествувале во тешка измама со брзи кредити. За лицата МВР поднесе кривини пријави, додека Основното јавно обвинителство поведе истрага за лицата. Според соопштението на ОЈО, лицата успеале да добијат повеќе од 3 милиони денари, односно околу 48.780 евра.
Во соопшението на ОЈО се вели дека за тројца осомничени надлежен обвинител ќе предложи притовр, додека четвртиот веќе се наоѓа во притвор во постапка за друго кривично дело.
Според написот, лицата користеле лажирани информации и имале помош од лице во Фондот за здравствено осигурување кој им обезбедувал средства преку „ЕЗБО број кој претходно го обезбедувал преку својот компјутер од електронскиот систем на Фондот“.
„Во текот на предистражната постапка, обвинителството во координација со МВР-СВР Скопје, обезбеди обемен доказен материјал дека почнувајќи од јули 2022 година, користејќи различни модалитети на извршување, осомничените со умисла вршеле временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исти дела. Притоа користеле исти трајни односи, исти прилики и слични околности, а крајната цел им била да прибават за себе имотна корист“, соопшти ОЈО.
Во текстот понатаму се вели дека „така, дел од осомничените, спротивно на условите утврдени со закон и без согласност на граѓаните користеле туѓи лични податоци, правеле лажни јавни исправи и преправале вистински јавни исправи со намера таквите исправи да се употребат како вистински. Со внесување невистинити податоци во информатичките системи на десетина различни друштва за „брзи кредити“, како и со фалсификување на електронски потписи, без знаење на оштетените на нивно име земале кредити, создавајќи им обврска на лицата да ги враќаат наводно позајмените средства“.
ОЈО соопшти дека еден дел од осомничените лажирале податоци за вработување на невработени лица, прикажувајќи ги како вработени и кредитоспособни, па врз основа на тие податоци од кредитните друштва извлекувале пари кои потоа биле ненаплатливи.
Со соопштение се јави и Министерството за внатрешни работи.
„За четворица од осомничените, меѓу кои и едно службено лице од Фондот за здравствено осигурување, е поведена истрага за кривични дела – Фалсификување исправа од член 378, Злоупотреба на лични податоци од член 149, Компјутерска измама од член 251-б од Кривичниот законик, додека останатите се опфатени во постапката со поединечни дејствија на помагање и соизвршителство во секој од случаите поединечно“, велат од Министерството.