40 ПРОЦЕНТИ ПОВИСОКИ ПЛАТИ ЗА АДМИНИСТРАТИВЦИТЕ Зголемување од 8 проценти уште од март

Премиерот Мицкоски вели дека Владата е подготвена за договор со синдикатите, а зголемувањето на платите би се реализирало по фази до 2028 година.

84

Премиерот Христијан Мицкоски денешната средба со Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) ја оцени како конструктивна, посочувајќи дека пред претставниците на синдикатот биле презентирани условите и правилата под кои Владата е подготвена да оди кон зголемување на платите на административните службеници за вкупно 40 проценти.

Мицкоски истакна дека сега се очекува одговор од синдикатот дали го прифаќа предлогот на Владата.






– Имаме два репрезентативни синдикати кои се дел од Економско-социјалниот совет и кои ги застапуваат правата на работниците. Денеска имавме состанок со УПОЗ, односно синдикатот на административците, кој е гранка на ССМ. Пред околу десетина дена имавме состанок и со втората репрезентативна синдикална група од КСС. Станува збор за два репрезентативни синдикати – изјави Мицкоски во интервју за Дневникот на МРТ.

Во однос на денешната средба со УПОЗ, премиерот појасни дека Владата ја понудила истата рамка за која претходно говорел и во јавноста.

– Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме процесот напред. Како и претставниците од КСС, така и од УПОЗ најавија дека ќе се консултираат со своето раководство и во текот на денешниот или утрешниот ден ќе нѐ информираат – рече Мицкоски.

Доколку има согласност, според премиерот, во недела би следело финализирање на договорот, а од понеделник започнување на подготовката на таканаречениот темплејт – примерок за индивидуален синдикален договор, кој потоа би се усвојувал по институции.

– Исплатата на платите би започнала од април за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од сегашната плата и растот на минималната плата што треба да се нивелира. Истата формула би се применувала и во 2027 и 2028 година. Тоа значи дека за околу две години и неколку месеци, административните службеници кои досега немале зголемување ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во однос на денешното ниво – нагласи Мицкоски.

Во однос на иницијативата на ССМ поднесена до Собранието за намалување на платите и надоместоците на функционерите, премиерот оцени дека таквиот пристап е неуставен и веќе бил поништен во минатото.

– Ваков тип интервенции претходно беа оценети како спротивни на Уставот. Тогаш следеше одлуката со која платите на именуваните и избраните лица се зголемија за 78 проценти – потсети Мицкоски.

Тој појасни дека стратегијата на Владата е преку уставен и законски пат, постепено да се намалуваат коефициентите на именуваните и избраните лица, со цел до крајот на мандатот, во 2028 година, нивните примања да се вратат на нивото пред одлуката на Уставниот суд.

– Тоа е единствениот уставен начин. Овој предлог што сега се нуди е неуставен, популистички и полн со политиканство, а најмалку ги штити интересите на работниците – порача премиерот.

Поврзани содржини