4 ДЕНА ПРЕД ИЗБОРИ ЗАЕВ ПОТКУПУВА 159 ФИРМИ Мисајловски ја повика Антикорупциска да отвори постапка
Заев спротивно на Изборниот законик денес на дневен ред на владата ставил точка за гласање без расправа – доделување финансиска поддршка на 159 компании, на само 4 дена пред одржување на локалните избори, рече Мисајловски.
ВМРО-ДПМНЕ ја повика Државната комисија за спречување корупција да отвори постапка за поткуп на 159 фирми, кои на денешната седница на Владата треба да добијат финансиска поддршка што претставува кршење на Изборниот законик на само 4 дена пред Локалните избори.
– Во моментот Зоран Заев одржува седница на влада, за одобрување средства за поткуп на фирми. Заев спротивно на Изборниот законик денес на дневен ред на владата ставил точка за гласање без расправа – доделување финансиска поддршка на 159 компании, на само 4 дена пред одржување на локалните избори. Од Предлогот за дневен ред за денешната владина седница се гледа дека се прави флагрантно кршење на Изборниот законик и институционален поткуп за што следи одговорност. Зоран Заев и сите членови на Владата денес треба да знаат дека со гласањето на оваа точка прават кривично дело за кое што ќе одговараат. Со ова се крши член 8а од Изборниот законик, чиј што ст. 1 и 2 најстрого забрануваат исплаќање на буџетски средства во тек на кампања – реагира денеска Владо Мисајловски потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Членот 8-а став 1 точка 3 гласи: „Не може да се вршат исплаќања на плати, пензии, социјална помош или други исплати и материјални надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови кои не се редовни месечни исплати, односно сите едногодишни трансфери и исплати или еднократни трансфери од буџетски средства или од средства на јавни фондови ниту да се отуѓува државен капитал ниту да се потпишуваат колективни договори.“
Истиот член став 2 точка 1 забранува да се исплаќаат субвенции кои не се редовни месечни исплати во периодот од 20 дена пред отпочнување на изборна кампања па до завршување на изборот.
– Ја повикуваме Државната комисија за спречување корупција да реагира и да отвори постапка. Ги повикуваме институциите да реагираат. Ова е очајнички обид на Заев и СДСМ преку поткуп да извршат влијание на волјата на избирачите. Ако СДСМ е сигурен во победата исплатата може да ја направи една недела по изборите. Доколку пак им мислеа добро на фирмите тоа ќе го направеа многу порано пред изборите. Многу е важно да знаат и граѓаните и фирмите дека финансиската помош на компаниите и поединците ќе продолжи со ВМРО-ДПМНЕ, но тоа нема да се прави 4 дена пред гласањето, туку континуирано. Владата е слуга на народот, и не смее државните средства да се злоупотребуваат за изборни цели – порача Мисајловски.
ВМРО-ДПМНЕ за ова, како што велат, грубо кршење на законите и поткуп од невидени размери ќе ги извести сите меѓународни организации кои го следат изборниот процес и странски претставници во земјава, а истовремено ќе поднесе соодветни пријави до институциите.