35 милиони евра од пропаднатиот проект карго аеродром одат за проекти на општините
Парите се обезбедени од проектот на ТАВ за карго аеродром кои беа пренаменети за проекти на општините.
Владата ја одобри предлог листа на проекти од општини за финансирање од дополнителни средства кои се обезбедија со пренамената на финансиските средства од ТАВ што беа предвидени за изградба на карго аеродром во Штип.
За оваа намена се одобрени 35 милиони евра за 99 проекти за 75 општини кои се однесуваат на изградба и реконструкција на локална патна инфраструктура, за водоснабдителна мрежа, за канализациони мрежи, за реконструкција изградба на градинки и училишта и спортски објекти, за реконструкција и изградба на здравствени установи, и за други проекти.
Владата одобри 30.000.000 денари за Општина Арачиново, како еднократна неповратна финансиска поддршка, за справување со потешкотиите во тековното работење настанати поради ковид–19. Парите се обезбедени од Буџетот за годинава.